Овие денови се случува најголемиот егзодус, терор и убивање на христијаните на Блискиот Исток. Додека многумина се на одмори, на плажите и на планините. Додека најважната вест е временската прогноза за утре. Додека ние ги броиме дрвјата што паднале од ветерот ова попладне, христијаните во Ирак и од Сирија ги бројат градовите кои последната седмица останале без ниту еден, ниту еден христијанин.Зошто кај нас името Стефан е толку често? И во имињата и во презимињата. Зошто толку многу го има името и презимето Димитар? Од каде нашата приврзаност кон името Петар? Kои се светците што ги носеле имињата Павле, Андреј, Филип?
Причините се длабоки, навистина длабоки. Тие се меѓу првите христијански маченици. Свети Стефан е првиот маченик пострадан во името на Исус Христос. Бил Христов ученик и следбеник. Бил откриен и осуден на смрт. Не каква било смрт, туку смрт со каменување. Да, да го каменуваат пред ѕидините на Ерусалим, пред светиот град во светата земја.
Сторил нешто лошо? Не, никого не повредил, ниту украл ниту направил некакво лошо дело. Напротив, правел добри дела. Бил еден од седумте ѓакони, се грижел за старите луѓе, за вдовиците и за сирачињата. Да, за оние мали деца што останале без родители. Ги хранел, им давал уточиште, ги лекувал и им давал покрив над главата. На сирачињата, на вдовиците, на старите што биле напуштени, оставени, слаби и болни.
Бил вистински Христов ученик и следбеник. Со дела, секојдневно, без позирање и глумење, без фарисејство. И лукавите тоа го забележале. Го испрашуваат. Бараат од него да се откаже од Господ, да се откаже од творецот, да се одрече од Христос. А одговорот на Стефан? Не, не и не. Тој верува во Господ, не се откажува од него, не ја менува верата, не се откажува од Исус Христос.
Не, не се ова никакви приказни или непотврдени верзии. Не се ова недокажани раскажувања за кои треба да дебатираме дали тоа е вистината и дали тој настан се случил. Не, ова се потврдени историски настани, документирани од историјата. Стефан умира од каменувањето, целото негово тело е со рани и во крв. Зошто? Затоа што верувал во Господ, затоа што не се откажал од Исус Христос. Станува светец. Станува пример и поттик за многу генерации, за илјадници маченици, до денешни дни.
Сличен е крајот на свети Петар. И тој е од Блискиот Исток, а првото име му било Симон. Неговиот брат Андреј е првиот апостол, првиот Исусов апостол. Свети Петар завршува распнат. Рекол дека не е достоен да умре како Христос и затоа побарал да го распнат со главата надолу. И неговиот брат Андреј е распнат, а умирал два дена и две ноќи, на свои 70 години. Отсечена е главата на свети Јован. Од истите причини. Поради нивната вера, поради Исус Христос. Не, ова не се непотврдени приказни, туку конкретни, потврдени историски настани.
Денес, оваа 2014 година, повторно се случува масовен терор врз христијаните. На Блискиот Исток. Во местата каде што христијаните живеат 20 века, од самиот почеток и без прекин. Во својата бруталност се истакнува милитантната организација наречена ,,Исламска држава“. До пред два месеца беше наречена ,,Исламска држава на Ирак и Сирија“ (ИСИС).
Но, во своите планови и дејствување веќе не се ограничуваат само на Ирак и Сирија, туку целта е глобална. Целта е многу поширока, а ги вклучува Европа заедно со Балканот, Африка и Азија. Затоа името веќе не е ИСИС, кое значи ограничување на Ирак и Сирија, туку ,,Исламска држава“ со многу поширока агенда.
Изминативе два месеца Исламската држава (поранешен ИСИС) изврши масовни злосторства во северниот дел на Ирак, како и во Сирија. Масовни стрелања на илјадници луѓе. Пред камери, пред фотоапарати, без криење. Јавни егзекуции во кои се сечат главите. Темелно се минираат туѓите, поинаквите верски храмови. Тоа се новите, денешните христијански маченици.
Тоа е новиот егзодус. Новото денешно прогонство. Се случува денес пред нашите очи ако сакаме да го видиме. Иако многумина ја вртат главата, не ги интересира сето ова, тоа не значи дека не се случува. Ова е како споредна тема, нешто што е второстепено. А што е најважно? Дневните тривијалности, безначајните секојдневни настани на светските и регионалните познати персони.
Со црвена боја се бележат куќите на христијаните. Тоа значи смртна пресуда или ултиматум за еден час да се напушти домот. И сето тоа трае веќе со месеци. Во 2014 година, денес. Во тие единици учествуваат стотици муџахедини од земјите на Балканот. Во тие единици има илјадници исламистички екстремисти од голем број земји, од сите меридијани на светот. Целта се сите оние што размислуваат поинаку, кои веруваат поинаку. Целта се и умерените, традиционалните муслимани.
Но, посебна цел се христијаните. Нивниот прогон е систематски, темелен, трае веќе со години. Не, не се христијаните единствените жртви. Жртвите се од сите вери и националности на Блискиот Исток. Но, христијаните се меѓу најмалите малцинства, тие се меѓу оние што се најмалку заштитени. Таков беше и нападот врз малото гратче Малула, едно од последните места каде што се зборува арамејскиот јазик. Тие жители, христијаните на Малула, с` уште го зборуваат јазикот на Исус од Назарет, спасителот роден во Витлеем.
За крај, повторете го своето презиме. Повторете ги името и светецот од кои доаѓа вашето презиме. Сетете се на името на вашиот дедо, неговиот дедо, неговите браќа и сестри. Сетете се на иконите на вашата баба. Сетете се на имињата на вашите чичковци и вујковци, на потеклото на нивните имиња. Сетете се на името на црквата во која сте крстени, на името на црквата во која сте венчани.
Да, тоа се светците, апостолите и мачениците од Блискиот Исток. Оние што чекореле по песокот на Сирија, на Месопотамија, покрај бреговите на Тигар и Еуфрат. Оние што пиеле вода од реката Јордан, кои таму биле крстени. Таму, во Либан. Kај сенките на маслинките на Бејрут и Тир. Таму, кај Петра и на Синај. Таму, во манастирите во Египет, покрај Нил. Таму, кај ѕидовите на Антиох.
Некогаш тоа беа изворите на христијанството. Градовите и селата беа преполни со христијани. Таму живееле Стефан и многу Стефановци. Јован и многу Јовановци. Петар и многу Петровци. Андреј и многу Андрејовци. Филип и многу Филиповци. Павле и многу Павловци. Некогаш ги имаше таму, а денес ги нема.
Денес таму ги убиваат христијаните. Христијанското малцинство е протерано, тероризирано. Заминуваат последните христијани. Или ги убиваат. Во своите куќи, во своите дворови. На Блискиот Исток, оваа година, овој месец, овој викенд.
За кого бијат камбаните?
Влатко ЃОРЧЕВ за ДневникЗошто кај нас името Стефан е толку често? И во имињата и во презимињата. Зошто толку многу го има името и презимето Димитар? Од каде нашата приврза