Со 96 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан Собранието на Република Македонија вечерва на седница ги усвои измените на Изборниот законик, по скратена постапка, со кои се укинуваат членовите кои предвидуваа одржување предвремени парламентарни избори на 5 јуни. Со измените, предложени од Талат Џафери од ДУИ, не се предвидува нов датум за одржување избори, пренесе МИА.Во расправата по изборните измени можеше да се чујат повеќе обвинувања, меѓусебни напади за состојбата во државата, за тоа кој што добил или изгубил од одложувањето на изборите. Опозициските пратеници сметаат дека фер избори не можат да се одржат, а пратениците од владејаќките партии дека опозицијата бега од соочување со народот поради нискиот рејтинг…
Според пратеникот од ДУИ Џеват Адеми одлуката на судот е како чудо и историско решение, а ДУИ се издигнала над партиските рамки и понудила опција за развој на демократијата. Партијата се залага за укинување на аболицијата и смета дека пратеничките групи треба да понудат решение и за тоа спорно прашање. Побара разбирање на геополитичката ориентација на Албанците во Македонија, а тоа е, рече тој, членство во ЕУ и НАТО. Смета дека со одлуката на ДУИ да не учествува на изборите на 5 јуни им направила услуга на СДСМ.
Пратеникот на опозициската СДСМ Петре Шилегов му реплицираше на Адеми порачувајќи му дека додека зборува за ЕУ и НАТО перспектива, а ДУИ гласа против договорот од Пржино, кој, како што рече, е дел од она што треба да се направи на тој пат и оти на таков начин се става во заштита на политичка банда и криминалот. Најави и поднесување на автентично толкување на законот за амнестија.
На ова му контрареплицираше Адеми истакнувајќи дека СДСМ сакаат власт без избори, избори без конкуренција, без легитимитет и оти сакаат некој друг да ја избие нивната битка.
Пратеничката Солза Грчева истакна дека преговорите за излез од политичката криза треба да се префрлат во Парламентот, а не да се одвиваат зад затворени врати за потоа, како што рече, сите да манипулираат што било таму договорено.
Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија пак смета дека ДУИ го погазила и повлекла својот забор за учество на изборите на 5 јуни и оти јасно требало да се каже дека бил голем притисокот на меѓународната заедница. Да беше опозицијата подготвена, рече, ќе одеше на избори, а нема да планираше да дојде на власт по нелегитимен пат.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески рече дека било јасно дека избори нема да се одржат, поради немањето елемантарни услови за тоа, и оти опозицијата немала намера да учествува и да легитимира криминални избори.
За пратеникот Влатко Ѓорчев е фарса тоа што лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека не оди на избори бидејќи ќе победел, а резултатите нема да му биле признаени. Вие сите знаете, рече тој, дека тој со 5 проценти рејтинг не може да се стане премиер и дека доколку имавте можност да дојдете до 35 пратеници ќе имавме избори, а вие ќе пробавте да формирате влада.
Собранието на Република Македонија попладнево ги констатираше и оставките на министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски и за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски, како и на дополнителните заменици министри за финансии Кире Наумов, за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Пратениците, на предлог на премиерот за спроведување на предвремените избори Емил Димитриев, за нови членови на Владата ги избра Митко Чавков, за внатрешни работи и Диме Спасов, за труд и социјална политика.
Димитриев во образложението посочи дека на ова се решил по одлуката на Уставниот суд и предложените измени на Изборниот законик.
Претседателот на Собранието ја закажа оваа седница по денешната едногласна одлука на Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Парламентот од 18 јануари 2016 година и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието од 23 февруари 2016 година. Притоа, уставните судии донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.
Иницијативата за оценување на уставноста на одлуката за распуштање на Парламентот беше поднесена од Талат Џафери од ДУИ. Во расправата по изборните измени можеше да се чујат повеќе обвинувања, меѓусебни напади за состојбата во државата, за тоа кој што добил или изгуби