Васил Чакаларов е еден од најголемите и најсветли имиња во македонската историја од крајот на 19ти и почетокот на 20ти век. Македонски револуционер и деец кој најдолго го држеше отворено македонското прашање во постилинденскиот период, и човек кој неправедно во минатото, не само што беше отфрлан, туку и оцрнуван од страна на македонската историјографија во склоп на југословенската.
Васил Чакаларов е човекот кој ја држеше најголемата слободна територија во Беломорска Македонија, и која беше под македонска управа се до крајот на август 1903 година, а сепак ние во времето на СФРЈ не ја изучувавме како што ја изучувавме Крушевската република. Тој беше човекот кој многу добро знаеше дека вистинскиот непријател на Македонија не доаѓа од Цариград, туку од Атина, Софија и Белград, па така најголем дел од својата борба ќе го насочи токму против соседните пропаганди кои се водеа во Македонија. Васил Чакаларов е роден во селото Смрдеш, Костурско, Беломорскиот дел на Македонија во 1874 година. Како и сите деца во овој период, така и Чакаларов морал да биде запишан или во грчко училиште, или во егзархиско, тој најпрво бил запишан во грчко основно училиште каде го научил и грчкиот јазик. Потоа бил презапишан во егзархиско училиште каде завршил четврто одделение.
Уште од најрана возраст ја осетил острата и агресивна пропаганда која се водела во Македонија од соседните држави, на што подоцна во својот живот и соодветно ќе одговори. Во 1894 година се случила една афера, Чакаларов влегол во судир со грчка учителка која била голем поборник за грцизмот и грчката пропаганда во Костурско, по што бил затворен во затвор во Корча, Албанија. Набрзо со уште неколкумина затвореници Чакаларов успеал да побегне од корчанскиот затвор и да се засолнат во планинските предели на Корешта, Костурско. Со ова започнал авантуристичкиот дел во неговиот живот кој подоцна ќе го насочи кон ослободителното дело, и ќе резултира со голем успех на неговата личност.
По увидената опасност од постојаните патроли Чакаларов со неговата дружина се префрлиле во граничните предели на Албанија и долго време гравитирале околу овој планински предел. По сите патешествија Чакаларов заминува за Бугарија. Во услови на емигрантски живот опколен со Македонци кои емигрирале по разни основи во Бугарија, и каде до некој степен биле во можност легално да работат за нивните цели – ослободување на Македонија, Чакаларов се пронашол во целата приказна во која се разгорел неговиот патриотски дух и љубовта кон својата татковина Македонија. Тој станал претседател на Костурското братство во Софија. Во овие години Васил Чакаларов се приклучил кон македонското национално ослобнодително и револуционерно движење, станал член на Врховниот Македонски Комитет (ВМК) каде ги остварил првите контакти со видни македонски дејци и револуционери помеѓу кои бил и Борис Сарафов со кого ќе имаат цврсто пријателство и соработка. Во 1901 година Чакаларов ја имал првата активност во МРО, имено, истата година од Костурско биле уапсени голем број на македонски револуционери, и така Костурско останал без сериозно и авторитативно раководство. Требало да се изврши пренос на оружје од Грција, Чакаларов ја превзел целата организација околу преносот, успешно го пренел оружјето од Атина и Тесалија, со што на виделина искочиле неговите организациони способности и неговиот тврд и цврст карактер.
По долгото сондирање од страна на МРО врз личноста на Чакаларов, и по успешно спроведената акција, Чакаларов бил поставен на чело на Костурскиот реон по што набргу Костурско ќе прерасне во најдобро организирана област на МРО. Преносот на оружје од Грција под раководство на Васил Чакаларов и во соработка со Лазар Киселинчев кој живеел во Атина, бил беспрекорно добро организиран. Но сепак, огромниот пренос на оружје не можел да остане незабележан од грчките власти при што се издала потера по Чакаларов. Тој за потерата дознал додека патувал од Пиреја кон Тесалија читајќи грчки весник во кој бил објавен детален опис на неговиот лик. Но, беспрекорната снаодливост на Чакаларов допринела да се извлече неприметен пред очите на грчката полиција.
Во 1901 година од страна на МРО во Костурско биле испратени Пандо Кљашев и Лазар Москов кои требале да работат со Васил Чакаларов, овие три личности станале симбол на македонската борба за самостојност и македонскиот непокор во овој дел на Македонија.
Васил Чакаларов во неговото делување најмногу се борел со пропагандите кои биле присутни во Македонија, пред се со грчката и бугарската. Во Костурско имало голем број на афери кои ги разоткривале позциите на Организацијата од страна на шпиунски активности на гркоманите.
Заради тоа МРО на Васил Чакаларов му ја доверила ликвидацијата на овие личности, на што Чакаларов ќе одговори жестоко. 1901 година Чакаларов го ликвидирал гркоманскиот шпион Цеман од село Дмбени. Истата година продолжиле жестоките борби на Чакаларов со андартските чети и со грчката пропаганда во Беломорска Македонија со која влегол во директен судир, а нејзе ја предводел одметнатиот од својот народ и Организацијата, Коте Христов од Рулија. Чакаларов жестоко се пресметувал со секој грчки елемент во Костурско и Леринско, од неговото делување грчките власти влегле во постојан страв од неговиот следен чекор, при што го нарекле најголем противник на хеленизмот кој Грција воопшто го има. Стравот на Атина од овој Македонец одел до таму што го нарекле „Страшниот Чакаларов“ „гркоубиец“ и „крвожеден комитаџија“ по секоја цена грчките власти ја сакале неговата глава. Но Чакаларов ништо не го поколебало ниту пак исплашило, напротив, летото 1902 година кулминирале борбите со грчката пропаганда на чело со Коте од Рулја, Чакаларов бил цврсто решен да ги ликвидира андартските чети кои на Македонија и нанесувале многу поголемо зло од османлиските власти. На 19 август над селото Оштима, Костурско андартската чета на Коте била заобиколена од четата на Чакаларов, при што биле убиени голем број на андартски четници, додека останатите биле заробени, но Коте повторно успеал да се спаси со бегство.
Речиси истовремено во Костурско пристигнал врховистичкиот војвода Анастас Јанков кој врвејќи низ цела Македонија правејќи пустош и кревајќи афери, сакал во Костурско да крене востание, се разгорела борбата на Васил Чакаларов со бугарската пропаганда. Судирот дошол до тој степен да бил неизбежен вооружен судир, но Чакаларов тогаш му се обратил на Јанков велејќи: „Нема да те убиеме, но нема да дозволиме да правиш неред овде, да си играш востание. Слободата ние сами ќе си ја извојуваме, не ја сакаме од тебе. Немој да мислиш дека ќе го оставиме народот да тргне по тебе и да изгори“. Во истата 1902 година Чакаларов ја разгорел борбата со грчката патријаршија на чело со Германос Каравангелис кој бил поставен од грчката влада да ја погрчи Беломорска Македонија и да го крене грцизмот на највисоко ниво.
За оваа цел Каравангелис располагал со огромна мрежа на шпиони и андартски чети низ Македонија. Борбата со Каравангелис била долга и жестока, највисоките власти од Атина преку Каравангелис сакале да го ликвидираат Чакаларов, при што следеле неколку акции за негово пронаоѓање, во акциите биле вклучени и османлиските власти, но сите обиди завршиле без успех. Вмешувањето лично на највисоките функционери од Атина во потерата по Чакаларов повторно го отсликува стравот кој Грците го имале од овој македонски војвода. 1902/1903 година започнале подготовки за востание низ цела Македонија, во Костурско овие подготовки се вршеле под команда на Васил Чакаларов.
Подготовките течеле беспрекорно, организационите способности на костурскиот војвода си го сториле своето, вооружувањето било солидно, а Костурско бил најдобро организиран реон. Но сепак, како и низ цела Македонија така и во Костурско османлиските власти насетувале дека се подготвува нешто поголемо од вообичаено, нивните сомнежи ги потврдувале и многумина бугарски и грчки шпиони вметнати по разни основи во подолните слоеви на Организацијата. Започнале се почести судири на четите на МРО со османлиската војска.
Битката кај село ДМБЕНИ
Една од тие судири и битки е онаа во близина на селото Дмбени, Костурско, поточно кај месноста Локвата и Вињари, во која четите на МРО извојувале блескава победа над многубројната османлиска војска. На 31 март 1903 година здружените чети на Васил Чакаларов и Борис Сарафов, под команда на Чакаларов, се судриле со османлиската војска. Здружените чети броеле 70 четници, додека османлиската војска броела неколку илјади. При ваква поставеност на силите, четите на МРО прифатиле отворен судир со многу надбројната османлиска војска, борбите траеле во текот на целиот ден без никаков прекин. Во самиот судир бил ранет братот на Васил Чакаларов, бил убиен војводата Дичо, и десетина четници, додека во спротивниот табор загубите биле неколку кратно поголеми, османлиските одреди имале загуба од 100 војници. Ноќта четите предводени од Чакаларов успеале да го пробијат аскерскиот обрач.
Оваа блескава победа влијаела многу врз угледот на Организацијата, и врз моралот на Македонците кои се помасовно и со верба се приклучувале кон МРО, бидејќи во овие херои го гледале нивното ослободување и конечната долго посакувана самостојност на Македонија. Оваа предилинденска битка ја овековечил македонскиот револуционер Лазар Поп Трајков во поемата „Локвата и Вињари„. Васил Чакаларов бил и еден од делегатите на смилевскиот конгрес каде се носеле одлуките околу престојното востание. Чакаларов застанал на страната и ставот дека треба што побргу да се крене сеопшто востание.
Оваа одлука не ја носел поради некакви внатрешни судири и табори, туку напротив, Чакаларов бил човек кој едноставно го интересирало само делото да успее. Овој став го оправдал со се позачестените провали на османлиските власти во Костурскиот реон, речиси сите позиции и планови на МРО во костурско биле разоткриени, и доколку сеуште се чека за реализација на истоите тие ќе бидат анулирани од властите, и сиот труд и работа ќе падне во бездна. Дополнителен мотив за луѓето кои застанале на ставот дека е потребно сега востание е смрта на Гоце Делчев, па така било кажано „Не дискутирајте дали ќе има или нема да има востание, туку кажете кога да биде и како да се води, без да се одреди точен датум во моментов“ Ова било подржано и од Дамјан Груев кој бил еден од највидните и највлијателни личности во Внатрешната Македонска Револуционерна Организација.
По избувнувањењто на востанието на 2 август 1903 година, Костурскиот реон бил еден од најуспешните на цела територија на Македонија, населението се кренало во еден миг, и безмалкуи цело население било вклучено по разни основи. Започнале вооружените борби со турскиот аскер, Костурско било предводено од Васил Чакаларов како врховен командант, потоа од Пандо Кљашев, Митре Влаот, Лазар Поп Трајков и други, вкупно четници под оружје биле околу 2000 мажи, добро обучени и добро организирани, па затоа и успехот ќе биде неминовен. За многу кратко време биле ослободени гратчињата Невеска и Клисура, каде веднаш била воспоставена контрола од МРО.
Невеска и Клисура беа ли дел од ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ?
Борбата траела 3 до 4 часа, гарнизонот кој броел 300 души веднаш избегал пред налетот на востаниците и го напуштил градот оставајќи се позади себе, вака објаснува Христо Силјанов, еден од најдобрите хроничари на македонското револуционерно движење. Понатаму вели дека борби се разгореле низ цело Костурско, по ослободувањето на градот востаниците влегле во градот со развиорени знамиња и триумфално се построиле на плоштадот. За овие борби идентично пишува и самиот Чакаларов во неговиот дневник, кој денес ни служи како првокласен извор за делувањето на Организацијата во Костурско, па и пошироко. Овие два града, како и голем број села од Леринско и Костурско биле слободни до крајот на август, се создала една компактна слободна територија во која власта била под Македонците.
Турските власти испратиле 15 000 аскер, предходно востаниците се поделиле на два дела, Чакаларов под своја команда држел 450 востаници, при повлекувањето, се судриле со турска војска, востаниците со неколку маневри се префрлиле во областа Костенарија каде во неколку места ги казниле сите кои извршиле предавство на МРО, без разлика од која националност се.
Походот продолжил кон областа Колонија, Албанија каде Чакаларов ги уништил сите албански банди башибозук кои за време на востанието го ограбувале народот, по оваа експедиција се вратиле во Костур. Сето ова допринело Македонците да го воспеваат името на Васил Чакаларов и да го слават неговото дело, пожртвуваност и храброст. Испеани се многу песни за овој бестрашен војвода, можеби и најпозната е:
Бој се почна во Клисура, Чакаларов бре
Жив фатете го, обесете го
Тоа бесно куче сардисајте го
Оздола иде Бахтијар-паша со 30 илјади
Чакаларов е со триста момчиња
Бахтијар-паша викаше: Уџун кардашлак
Чакаларов викаше: Ура момчиња
Вака Македонците се одолжуваа на своите великани, славејќи ги. Засекогаш ќе остане запаметена една изјава на Чакаларов која ја има дадено пред еден Грк патувајќи кон Риека. Имено, Гркот не знаејќи со кого седи започнал да зборува за Чакаларов дека е најомразениот гркоубиец и дека тој лично никогаш не би му простил. На ова Пандо Кљашев кој бил заедно со Чакаларов му кажал на Гркот дека токму тој, Чакаларов седи спроти него. Гркот видно уплашен започнал разговор со Чакаларов на грчки јазик, кој Васил одлично го познавал, Гркот му рекол господине никогаш не би се посомневал дека не сте Грк по тоа како го зборувате нашиот јазик, а Чакаларов му одговорил: „Ако знам дека тука тече една капка грчка крв, јас сега би ја отсекол целата рака и би ја фрлил в море“.