Во ТИРЗ Скопје 1 од денеска и официјално е отворен вториот производствен погон на италијанската индустриска групација „Витило“. Станува збор за инвестиција вредна 10 милиони евра која ќе генерира 100 нови вработувања.Како што рече генералниот директор на „Витек Македонија“, Антонио Витило, компанијата предвидува и трета инвестиција наредната година со што вкупното вложување ќе се заокружи на 30 милиони евра, а вработени ќе бидат преку 300 лица. Тоа е шестпати повеќе од првичната инвестиција и покажува дека компанијата „Витило“ ги препозна поволните можности што ги нуди Македонија.
– Овие бројки ја потврдуваат нашата одлука за инвестирање во Македонија, државата во која верувавме и во која стекнавме пријатели кои ни овозможија да се чувствуваме како дома, истакна Витило.
Според него, одлуката за уште една инвестиција во земјава италијанската групација ја донела и благодарение на досегашното позитивно искуство тука, но пред се на долгорочноста на целите на македонската Влада.
Вицепремиерот за европски прашања Владимир Пешевски потенцира дека новата инвестиција на Витило е уште една потврда за одличната соработка на Владата со странските вложувачи. Инвестицискиот циклус во Македонија, рече Пешевски, евидентно зема се поголем замав. Во изминатите 60 дена неделно се отвораат две до три инвестиции.
– Нови, втори фабрики минатата недела најавија и компаниите Џонсон Контролс и Ван Хол во кои ќе се вработат околу 2000 лица. Ако се земат предвид и инвестициите најавени само во изминатите два месеца на „Акомпласт“ во Прилеп, „Икстрејд“ и „Џерман електро-мехатроник систем“, домашните „Технопласт“ и „Хајтек“, „Капкон“,…, бројот на нови работни места ќе се искачи на 5000, а вкупните инвестиции ќе надминат 160 милиони евра, посочи Пешевски.
Вицепремиерот потсети и на најавените инвестиции во Полошкиот регион, во Охрид, Кичево, Штип и Пробиштип кои во фази ќе вработат дополнителни 7.000 лица.
– Големиот број инвестиции за краток временски рок е доказ дека не очекува успешна инвестициска година, рекордна по бројот на инвестиции, истакна Пешевски.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо оцени дека новата инвестиција на „Витило“ покажа дека постепено, но сигурно ТИРЗ Скопје 1 ги реализира својот потенцијал и намена – претставува првокласен индустриски комплекс во кој ќе се позиционираат инвеститори кои во Македонија ќе донесат нови технологи, ќе ја намалат невработеноста, ќе придонесат за зголемување на извозот и ќе ја направат земјава уште попрепознатлива дестинација на светските инвеститорски мапи.
Според италијанскиот амбасадор Ернесто Белели, реализацијата на втората фаза од инвестицијата на Витило е доказ за довербата на италијанските инвеститори во Македонија. Белели потсети дека во ТИРЗ Скопје има три италијански компании.
Групацијата Витило е присутна во Македонија од 2011 година. Произведува хидраулични спојки за висок поритисок и гумени црева за голем број индустрии. Производството до Македонија е наменето за Европа, земјите на Заливот и Америка. „Витило“ моментно е оперативна на површина од 12 илјади метри квадратни од кои 5.000 се наменети за логистика.
Во првата фаза Витило во Македонија инвестираше 5 милиони евра и креираше 50 работни места.
На отворањето на новиот погон присуствуваа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.Како што рече генералниот директор на „Витек Македонија“, Антонио Витило, компанијата предвидува и трета инвестиција наредната година с