На некои од македонската јавност, а посебно на некои интелектуалци и јавни личности, и по 25 години независност и демократија с` уште не им е јасно дека секој жител, односно граѓанин на оваа земја, без разлика на неговата професија, има право јавно да го искаже своето мислење во момент кога смета дека се загрозени правдата, правичноста и вистината или кога се поткопуваат националните интереси и општестевно-моралните и човечки вредности.Вистинскиот демократ и интелектуалец не само што треба да го поддржи мислењето на поединецот туку треба со сите сили да го брани ова негово право, па колку и да не се согласува со неговите јавно искажани ставови и мислења. Во спротивно, тие никако не би можеле да се претставуваат себеси ниту како демократи, а уште помалку како современи европски интелектуалци, на кои им е важен нивниот углед и авторитет.
Против лицемерство Мене, како граѓанин на оваа земја, по којзнае кој пат упорно ми се скратува моето лично и со Устав загарантирано право да говорам јавно за општествени теми и тоа токму во овој исклучителен момент кога секој граѓанин и секоја јавна личност е потребно и неопходно да се произнесе за овој општествен калабалак кој ни се подготви од страна на непријателите на оваа земја, но и за чие реализирање и ескалирање сме и самите ние виновни. На оние што милуваат да го цитираат членот 19 од Уставот на РМ, најчесто злуопотребувајќи и манипулирајќи го неговиот контекст и суштинско значење, би требало во иднина задолжително да го допишат и членот 16 од истиот Устав, во кој јасно и недвосмислено се гарантираат слободата на уверувањето, јавното изразување на мислата, слободата на говорот и јавниот настап на граѓанинот. Сметам дека се врвни лицемери оние што ми го забрануваат моето лично мислење, цитираат дека црквата и верските заедници се одвоени од државата, а потоа во ист момент премижуваат кога на некој македонски медиум оџа од скопските џамии потпишан како експерт ќе произнесува пристрасен политички став и анализа. Истите овие лицемери премижуваат и тогаш кога оџите и исламските богослови стануваат високи функционери на партиите и невладините организации, активно се занимаваат со политика, заземаат политички страни, протестираат по улиците, па дури стануваат и пратеници во македонското Собрание. Мнозина од овие умислени креатори на јавно мислење се докажани морални расипници, себични и умислени величини, ситни трговци со националните интереси, бесрамни парољубци, кои и родената мајка би ја продале за еден единствен денар. Точно е тоа дека црквата е одвоена од државата и со оваа уставна определба никој нема проблем во нашето македонско општество, но точно е и дека Македонија не е одвоена од моето срце и од народот, кого го љубам со сето свое битие, се разбира, непотценувајќи и неомаловажувајќи ги другите. Kако и мнозинството од македонските граѓани, сметам дека Македонија е наша заедничка татковнина, без разлика на етничката и културната припадност на сите нејзини граѓани и ова треба да се уважува и почитува. Не можам да поверувам дека живеам во време кога некому ваквиот став му претставува проблем и кога за вакви прашања е потребно некому да му објаснувам и со некого да полемизирам. Оние што ми го цитираат Уставот и на кои им пречи мојата јавна заложба за заедничка Македонија, не им претставува проблем докажани предавници, одродници, самозванци, духовни дегенерици и странски платеници од типот на отпадниците, со своите сувопарни изјави да го исполнуваат македонскиот медиумски простор со навреди и понижувања на македонскиот православен народ. Изгледа дека во ваквите случаи не важат одредбите од Уставот или, пак, нечија благонаклонетост зависи од степенот на нечие лицемерство и расипништво. Приврзаниците на духовната поделеност на македонскиот православен народ, собрани околу својот одроден водач, преку нивното последно обраќање до една македонска политичка партија, додадоа уште една точка во тиранската платформа за чија погубна цел имам намера да зборувам во следните редови.
Злосторнички сојуз Непријателите на оваа земја и на овој народ како никогаш досега бесрамно излегоа на чистина, па сите ние можеме да посведочиме дека на дело е создавањето злосторнички сојуз, кој нашироко ги пружа своите раце на уништувањето. Нашата татковина Р. Македонија во последните 25 години е изложена на страшен налет и однатре и однадвор преку разни подмолни, перфидни и плиткоумни дипломатски притисоци, кои имаат една и единствена цел, а тоа е промена на нејзиното име и преку тоа ничкосување и уништување на самосвеста и идентитетот на македонскиот народ. Ако на почетокот овие притисоци беа во бели ракавици, сега во последните неколку години, голорако, отворено и брутално, со впрегнување на сите расположиви внатрешни и надворешни сили, се премина кон создавање рушителна политичка криза за која сите сведочиме дека ја доведува земјата до амбисот на пеколот и пропаѓањето. Тоа е вистината и нашата тажна реалност. Доколку и овој пат не попуштиме пред налетот на силните и помрачените, ним им останува единствено опцијата физички да н` елиминираат. Од ова подалеку не може. Нивните мотиви добро ги познаваме и би било лудо, трагично и невистинољубиво оваа генерација Македонци да потклекнат да престанат да се бранат или барем отворено да зборуваат за нивната налудничава и демонска опседнатост. Од она што можеме да го видиме, лесно заклучуваме дека за конечното решение на македонското прашање, се разбира, на наша штета, се вкрстуваат веќе традиционалните националистички и шовинистички интереси на соседните балкански држави, лакомите геополитички стратегии на големите сили, разните белосветски разнебитувачи и криминални банди, а секако и суетните и властољубиви страсти на домашните одродници. Тиранската платформа ја вбројувам како уште еден заеднички проект на сите гореспоменати интересни групи. Оваа платформа, која преку албанскиот премиер ни беше оставена на маса како услов за формирање влада, а со тоа и нормално функционирање на нашата татковина, е последната од безбројните форми на уценување на македонскиот народ и на сите оние што Македонија ја сметаат за свое домашно огниште. Платформата, со избрани лицемерни зборови, му предлага на македонскиот народ самоуништување, претворање на Македонија во нестабилна и несериозна држава и подготовка за идна поделба и бришење од картата на современа Македонија. Секој што мисли поинаку, за мене, е недоследен човек или има намера да им служи на здружените грабежливци, кои нашироко и бесрамно ги спружиле своите железни крилја. Јас како човек од верата не можам да премолчам или да замижам пред неправдата и злосторството од кои се хранат овие злосторници. Водејќи се од овие намери, излегов на протестите и јавно и без срам ги искажав моите ставови. Ја подржав одлуката на претседателот Ѓорге Иванов зашто сметам дека е најправилната во дадената ситуација. Притоа воопшто не ме интересира дали некоја партија се нашла погодена од мојата поддршка. Ги уважувам и почитувам сите партии и невладини здруженија, со мнозина нивни членови, низ годините сум изградил сосема коректен, братски и пријателски однос. Оние што ме познаваат, и од левата и од десната политичка опција, знаат дека ја зборувам вистината и во ниту еден момент не се плашам или воздржувам да ја сведочам целосно и отворено. Јас сум владика во чии духовни светилишта се црквуваат и политички активни и политички незаинтересирани личности. Никого, по ниту една основа, не сум го дискриминирал или понижувал. Напротив, низ сите овие години на моето духовно службување сум соработувал со луѓе од разни политички, па и верски провиниенции. Истите овие мои пријатели знаат дека кога е во прашање Македонија и Македонската православна црква, никому не му попуштам, туку секому сум спремен да му ја кажам вистината во очи. Сметам дека е навистина тажно, во овие моменти, токму верските лидери да се држат понастрана, лицемерно да ги превртуваат вистината и правдата, да замижуваат пред неправдата, да поттикнуваат разни видови национализам, фашизам, тортура и нетрпеливост кон различниот од себе. Во овие моменти македонскиот народ е воведен во страшно искушение, во неговата душа е посеан одвратен и погубен немир и токму поради тоа јас нема да можам да се наречам духовен водач на мојот православен народ ако одмолчам и замижам пред силата на разграбувачот.
Себичната математика на г. Реџепи Навистина жалам што еден верски водач, како што е г. ефенди Сулејман Реџепи, преку своите писанија само ги поттикна страдањата на македонската душа. Донекаде разбирам доколку некој обичен човек, притоа не потценувајќи го, е понесен од националниот романтизам на своите водачи, но воопшто не можам да се согласам и да разберам за овие прашања приземно, неодговорно и полно со закани, уцени и триумфализам да говори еден верски водач. Г. Сулејман Реџепи се обиде преку својата колумна да полемизира со мене за неколку многу битни општествени и политички прашања. Но, еве каде греши ефенди Реџепи. Прво, прашањето за пописот, неговото спроведување и нему љубената математика. Пописот е прашање кое низ сите овие петнаесетина години се користи како алатка за создавање меѓуетнички конфликт и недоразбирање. За пописот владее фама дека некој некого го лаже и се подбива. Албанците упорно го избегнуваат и го минираат секој обид на државата да ја спроведе оваа нормална статистичка операција. Познато е дека од резултатите на пописот зависат и правата на Албанците, па меѓу македонското население и меѓу другите националности постои мислење дека, избегнувајќи го пописот, Албанците имаат намера нешто да скријат од останатите народи во Македонија. Една држава не може нормално да функционира ако не постои меѓусебна доверба на населението, а токму Албанците, широко потпомогнати од странски фактори, секој обид за попис го минираат и уништуваат и со тоа заѕидуваат уште една тула во недовербата. Македонските политичари, само од нивни нејасни причини, попуштаат пред овие нелогичности, ги издигаат Албанците како граѓани од повисока категорија, а притоа ги понижуваат останатите. Недовербата и понатаму се храни и расте до несогледливи височини. Господата како ефендија Реџепи не наоѓаат сходно да изустат барем еден збор кој ќе го загасне настанатиот пожар. Напротив, и понатаму ги хранат своите сонародници со предрасуди, национални митови и легенди, не бидувајќи свесни дека недовербата носи омраза и нетрпеливост. Една од најраспространетите легенди, во чија мрежа се фатил и духовната величина како ефенди Реџепи, е поврзана со математиката. За него, одѕивот на изборите е рамен на пописот. Лошо и неточно поставувајќи ја равенката, си ја користи само себичната математика. Неговата логика е следна: Ако Албанците излегле педесетина проценти на изборите, а имаат околу 300.000 гласа, тогаш кога ќе ги вброиме и останатите 50 проценти, излегува дека Албанците во Македонија се околу 600.000 илјади. Поговорката вели: домашниот и чаршискиот есап не е ист. Па, затоа, да одиме со факти. На последните избори во Македонија за македонски партии гласаа околу 950.000 граѓани, а за албанските околу 210.000 граѓани. Во проценти изразено, тоа е дека околу 80 отсто гласале за македонски партии, а 16 отсто било гласано за албански партии. Ноторен факт е и тоа никако не го забораваме зашто е битен фактор на сценариото за поттикнување и митови и легенди дека за македонски партии гласале не повеќе од 3 отсто од вкупниот број албански гласачи. Исто така, има 3 отсто неважечки ливчиња, од кои речиси сите се за македонски партии од македонски средини. Одѕивот по изборни единици се движеше речиси идентично, па токму поради тоа и ја сметам себична математиката на г. Реџепи бидејќи го интересираат само албанските 50 проценти, а не и македонските, турските, ромските, српските и бошњачките, иако некои од нив се составен дел на Исламската верска заедница. Г. Реџепи настапи како типичен национален лидер потпалувајќи ги националните предрасуди кои во голема мера се изразени кај Албанците. Да беше вистински духовен водач, самиот ќе побараше од нас православните владици заеднички да работиме на зголемување на меѓусебната доверба и разбирање. За жал, г. Сулејман Реџепи ја пропушти и оваа шанса станувајќи, свесно или несвесно, алатка во рацете на луѓето што профитираат од конфликти и кои го користат пописот во Македонија како извонредна можност за остварување на своите погубни и злобни намери. Понатаму, навредувајќи ја со погрдни зборови државата Македонија, во неговата колумна од високо н` подучува која била мисијата и улогата на верските лидери во општеството. Наполно се согласувам со неговата констатација дека токму ние целосно треба да се држиме до верските принципи, да не се занимаваме со дневна политика, да ги проповедаме и поттикнуваме мирот, добрината, толеранцијата и меѓусебната почит и да не ги наведуваме луѓето на немири. Но, факт е дека Исламската верска заедница (која не била привилегирана!) го прави токму спротивното. Безброј пати бевме сведоци, кога по петочната молитва, токму од скопските џамии јурнуваше маса народ и физички се судираше со полицијата во моментите кога се одржуваше судењето на крвожедните монструми кои без никаква причина брутално ликвидираа невини момчиња. Видовме дека по завршувањето на протестите, остана само пустош по улиците, а што е пострашно, пустошот беше насаден и во душите на обичните луѓе. Да не бидеме наивни, сигурно оџите во дотичните џамии не ги ширеле љубовта, мирот и добрината. Излеговте ли тогаш вие, г. Реџепи, со осуда на ова насилие, се прашавте ли како им е на тие мајки (во случајот македонски!) кои гледаа како ваши послушници и приврзаници уште еднаш, но овој пат пред нивни очи, ги убиваа нивните невини деца? Го кренавте ли гласот против неправдата кога во 2001 година невини цивили беа киднапирани, брутално убиени и недостоинствено закопани во незнаен гроб од страна на сегашните платформаши или тогаш кога истите, со средновековни манири, на невини работници им шареа со острила по грбовите, а некои од нив ги врзуваа со експлозив и дивјачки ги убиваа? Изустивте ли барем еден збор кога преоблечените злосторници од петни жили се трудеа и ги уценуваа македонските политичари да се заташкаат овие злосторства против обичниот и невин човек? Тогаш токму јас отворено зборував дека злосторниците треба да си ја добијат заслужената казна оти токму казната ќе поттикне злосторниците да поминат лично низ бањата на спасоносното покајание, а и ќе биде пример за сите останати во општеството дека злото е погубно за душата и тоа одлучно се казнува. Ова е извонредна цивилизациска придобивка базирана врз божествени принципи. Заташкувајќи го злото и не казнувајќи ги неговите поклоници, во иднина се изродија безброј зла кои во извесни временски интервали ни се случуваат с` до денеска. Па, така, имавме брутална егзекуција на невино момче на кошаркарско игралиште, тепачки на Kале и по градските автобуси, рушења на постаменти за крст во една скопска општина, брутални убиства на невини дечиња. Би било чесно од ваша страна барем лицемерно да сочувствувате со маките и страдањата на нивните најблиски, напротив, вие и ден-денеска иронично и со скриени закани им се обраќате на македонските мајки раскажувајќи им повест за Џони кој имал оружје. Г. Реџепи, простете, ја сведочам вистината, Џони нема оружје, оружјето е кај Али, Реџеп, Арбен и Муса. Тоа сите на овој свет, а посебно на Балканот, го знаат. Ова оружје периодично се појавува тогаш кога на белосветските планери им е потребно, поточно тогаш кога тие ќе одлучат да го притиснат копчето. Еден од клучните проблеми на оваа држава е токму несобраното оружје. Токму еден албански лидер во минатото имањето оружје го поврзуваше со идентитетот и традицијата на неговиот народ. За жал, повиците за вразумување во врска со користењето оружје доаѓаше само од македонска страна. Вие како исламски духовен водач и тогаш молчевте и ја пропуштивте и таа можност да го зголемите вашиот углед.
На крајот, г. Реџепи, се жалите дека тиранската платформа на невидено и непрочитано била сатанизирана. Но, не разбирате дека токму овде лежи главниот проблем. Некој на невидено сака да врши коренити промени во системското уредување на државата, а без притоа јавно и отворено да го информира народот за неговите намери. Ваквата нетранспарентност и сеењето магла за договарањето на политичките партии за суштински теми кои имаат намера да ни ги променат животите е причина повеќе народот да се сомнева дека му се спрема измама од невидени размери. Ако е толку безопасна платформата и договореното за нејзиното спроведување, зошто се бега од нејзино објавување и појаснување? Ги опфаќа ли платформата интересите на сите граѓани во оваа држава, без разлика на нивното етничко потекло, или се ограничува на интересите само на еден народ. Ако платформата е еднонационална, по што таа се разликува од платформите на усташите, фашистите и нацистите. И нивните платформи биле исполнети со патриотизам, национализам и конечни решенија. И самиот Хитлер анектирал земји со патриотски изговор дека врз германскиот народ се врши геноцид и насилие. Внимавајте, самиот тој злосторник подоцна изградил згради на ужасот од кои и ден-денеска на секој нормален човек му се тресат коските од неверување. Се согласувате ли со поставување споменик на балистот Џемо Хаса, кој бил докажан соработник на нацистите? Ефенди Реџепи, јас сум подготвен самиот да ја испечатам тиранската платформа и во вид на летоци да ја поделам низ градовите во цела Македонија. Ќе ми се придружите ли во оваа намера? На секој умен човек му е јасно каде води спроведувањето на тиранската платформа. Таа неповратно води во продлабочување на разликите, во меѓусебна нетрпеливост и, не дај Боже, во хаос и меѓусебен конфликт. Секому му е јасно дека Албанците ги уживаат сите права и никој не ги спречува да напредуваат во слободата и културното напредување. За разлика од нив Македонците, во многу држави на Балканот, не смеат да се кажат дека се Македонци ниту, пак, да се организираат во посебни здруженија и политички партии. Г. Реџепи, зошто не го искористите вашиот авторитет и не се застапите за вашите сограѓани пред властите на Р. Албанија, па од нив да побарате признавање на Р. Македонија под уставното име. Зарем името ФИРОМ, со кое н` има признато Албанија, не ве навредува или како и Села, стоите на грчки позиции по ова прашање? Вклучено ли е во платформата неотстапувањето од уставното име на Р. Македонија или и вас не ве загрижува тоа што секое поинакво решение ги навредува и понижува Македонците?
За жал, во Македонија е посеано семето на злото и ние како верски лидери во никој случај не смееме да дозволиме или да поттикнуваме растење и полевање на овој горчлив и одвратен плод. Ви ја подавам мојата пријателска рака ефенди Сулејман Реџепи. Нашето достоинствено и искрено пријателство нека биде темелот на идното сеопшто помирување помеѓу народите во нашата заедничка татковина Р. Македонија.
Без реакција и за навредите од Села
Реакција од исламски верски лидер или од албански интелектуалец не видовме и при последната провокација од г. Зијадин Села, кој бесрамно и отворено го навредуваше македонскиот народ доведувајќи го во прашање неговото историско постоење. Истиот овој господин платформаш има амбиција да владее со истиот тој непостоен народ. Поголем апсурд и цинизам од ова не постои! Kаква ќе му беше нему реакцијата ако некој амбициозен политичар од македонскиот блок изјавеше дека до пред триесетина години, според тогашните пописи, не постоел ниту албанскиот народ, туку на овие простори живееле само Арнаути и Шиптари? Ќе бевте ли навреден г. Реџепи? Сигурен сум – да, целата македонска јавност, сите медиуми, ќе му се втурнеа на таквиот шовинист, а на изборите ќе ја добиеше заслужената награда. Видете, ова е прашање на цивилизираност, домашно воспитување и пристојно однесување и, секако, сето ова е поврзано на еден или на друг начин со духовноста.Вистинскиот демократ и интелектуалец не само што треба да го поддржи мислењето на поединецот туку треба со сите сили да го брани ова негово право,