Низа нерегуларности го одбележаа изборниот ден во неделата.На гласањето на првиот круг од локалните избори се случија злоупотреба на државните ресурси за партиски цели од страна на СДСМ, партиско агитирање, пропусти при внесување на податоците, владееше недемократска атмосфера, притисоци и насилство….
Големи пропусти се направени на територија на цела држава. Така и во општина Центар се направени низа пропусти при внесување на податоците каде не биле евидентирани гласови за кандидатот за градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.
Партиско агитирање на дел од избирачките места, присуство на службени лица на кои според законските нормативи им е забрането нивно партиско агитирање и дејствување, забележала невладината организација „Излези да гласаш“ во текот на изборниот ден.
Илијан Цветковски од „Излези да гласаш“, информираше дека има случаи на злоупотреба на државните ресурси за партиски цели.
-Забележано е и агитирање на директорите на подрачните единици на одредени министерства во Прилеп, посочи Цветковски.
Од невладината истакнаа и дека во две изборни места во Карпош недостасувале гласачки ливчиња и оти во местото Св. Петка еден граѓанин сакал да гласа за повеќе лица.
Какви неправилности пријавија граѓаните до Хелсиншкиот комитет?
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија соопшти дека за време на изборниот процес во неделата забележани се нерегуларности при гласањето на слепите лица и лицата со оштетен вид.
До Хелсиншкиот комитет пристигнале две пријави од лица од оваа категорија кои имале неуспешен обид да го остварат своето избирачко право согласно новиот начин на гласање за слепите лица и лицата со оштетен вид.
Согласно новото Упатството за гласање на слепи лица и лица со оштетен вид донесено на 28 Септември 2017 година, на слепите лица и лицата со оштетен вид им се дава можност да гласаат користејќи шаблон на Браева азбука, на кој се отпечатени податоците од избирачкото ливче. Шаблонот е изработен со цел секое слепо лице, односно лице со оштетен вид да може да гласа самостојно и тајно.
На лицата кои ги пријавија неправилностите не им било овозможено да го остварат своето избирачко право согласно новиот начин на гласање, бидејќи како што наведоа посебните шаблони на Браева азбука сè уште не биле пристигнати на две одделни избирачки места. Пријавите беа примени околу 8 часот утрината. Согласно член 91 од Изборниот законик, ,,Државната изборна комисија изборниот материјал го предава на општинските изборни комисии најдоцна во рок од 72 пред денот определен за одржување на изборите”, додека согласно член 92 ,,Општинската изборна комисија е должна еден ден пред денот определен за одржување на изборите да го предаде изборниот материјал на избирачките одбори на територијата на Република Македонија”. Во конкретните случаи избирачите не биле во можност да го остварат своето избирачко право на денот на изборите, што е повреда на цитираните законски одредби. Подоцна бевме информирани дека шаблонот бил доставен до избирачките места околу 8:30 часот, односно час и половина по отварањето на избирачките места за гласање.
Меѓу другите пријави, Хелсиншкиот комитет доби поплака од лице вработено во Јавно претпријатие кое наведе дека не може да го оствари своето избирачко право, бидејќи било на работа во текот на целиот изборен ден, без можност за замена. Хелсиншкиот комитет ваквиот случај го пријави во Министерството за труд и социјална политика, со цел да се изврши надзор за фактичката состојба во конкретниот случај од страна на инспектор за труд. Хелсиншкиот комитет беше известен дека Министерството и инспекторот за труд соодветно постапиле и на лицето му било овозможено да го оствари своето избирачко право.
До Хелсиншкиот комитет се обратија повеќе граѓани кои пријавија нерегуларности поврзани со Избирачкиот список – непостоечки гласачи на нивните адреси, како и случаи за бришење од евиденцијата на гласачи во Избирачкиот список на граѓани на кои не им била позната основата на нивното бришење од списокот.
-Со ваквите пријави се добива впечаток дека повторно и овие избори се одржаа во услови на непрочистен Избирачки список. Хелсиншкиот комитет упатува препорака за поголема соработка и координација помеѓу Министерството за внатрешни работи и Државната изборна комисија во насока на изнаоѓање на ефективен механизам за прочистување на Избирачкиот список и подготвување на упатство за постапката за бришење на непостоечките гласачи од Избирачкиот список кој ќе биде достапен за сите граѓани, се вели во соопштението.
Од Хелсиншкиот комитет укажуваат дека тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани и тие нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните кои ја пријавиле повредата.
Груевски: Изборите поминаа со бројни нерегуларности и кршење на изборниот законик, полицијата беше ставена во партиска служба
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во неделата изјави дека првиот круг од локалните избори помина во недемократска атмосфера, дека беа креирани нефер услови во кои се одвиваше кампањата. Груевски кажа и дека имало бројни нерегуларности во текот на изборниот ден.
-Во предизборието имаше физички пресметки, убиства, закани, притисоци. Од официјални државни органи имаше закани врз нашите кандидати за градоначаланици. Се креираше атмосфера на страв и заплашувања со кое се трудеа да влијаат на луѓето и нивната демотивираност, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Груевски потенцираше дека од многу страни добиле информации за огромен обиди за директен поткуп на гласачи.
-Секако, продолжи и црната кампања, а скоро и да немаше ден да нема неоснована кривична пријава за некој наш кандидат за градоначалник или актуелен градоначалник. Денешниот изборен ден помина со бројни нерегуларности и кршење на изборниот законик. Беше узурпирање на државните ресурси, се вршеше притисок, имавме информации од многу места за поткупување на гласачи во сиот изминат период, а граѓани организирано се превезуваа на гласачките места. Има сериозни индиции и за манипулација со гласачките ливчиња, па така на повеќе места се појавуваат гласачки ливчиња од други општини, што отвора сомнеж за организирана кражба на гласови, истакна вчера Груевски.
Груевски посочи дека дури и медиумите објавувале за однапред заокружени гласачки ливчиња, кои беа дел од изборниот процес. Тој кажа и дека полцијата била најголем заштитник и поддржувач на изборните нерегуларности, кажа дека полицијата била ставена во партиска функција.
-За прв пат во историјата на Македонија, полициски џипови кружеа со партиски симпатизери на СДСМ во истите автомобили. Сето ова имаше свое влијае на изборниот резултат и овие нешта придонесоа за водство или некаде за победа на СДСМ. За сите нерегуларности ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе преставки и жалби до соодветните органи. Изборите не се завршени, а ВМРО е голема партија со голем број на симпатизери, поддржувачи и партиски членови, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски истакна дека по завршување на изборите ќе следи анализа на истите.
-Ќе се анализираат сите аспекти на денешните резултати, со цел да се утврди покрај сите масовни нерегуларности, што друго од нашата страна беше недоволно добро или погрешно направено заради што не добивме подобар резултат на овие избори. Јас како претседател на партијата секако имам највисока одговорност за изборните резултати што и претходно го кажав. За сето тоа, за причините, за резултатите и идниот правец ќе се дискутира во периодот веднаш по завршување на изборите, вели Груевски.
На гласањето на првиот круг од локалните избори се случија злоупотреба на државните ресурси за партиски цели од страна на СДСМ, партиско агитирање,