Двата реномирани весници Гардијан и Фајненшл Тајмс во исти ден во своите текстови испратија идентични пораки за разгледувањето на предлозите на Македонија за промена на името. Откако меѓународната пропаганда е се погласна, прашањето кое се поставува е што прифатиле СДСM и Зоран Заев?Македонија разгледува предлози за нејзиното привремено име во обид да го откочи грчкото противење на нејзиното членство во НАТО. Oва е првата реченица од новиот прилог (видео) на „Фајненшл тајмс“ за последните случувања во Македонија и изразената подготвеност на новата влада за некаква промена во закочените преговори за името.
Пред неколку дена во истиот весник се објави интервју со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров под наслов „Македонија предлага промена на името во обид да му се приклучи на НАТО“. Само неколку часа потоа, веројатно по интервенција на МНР на Македонија, на сајтот на британскиот весник Фајненшл тајмс насловот се смени во „Македонија размислува да го користи привременото име за да влезе во НАТО“.
Македонија ќе ги разгледа новите предлози за привременото име, во обид да го отклучи грчкото противење за членството во НАТО“, изјави Димитров и додаде дека е премногу рано да се разговара за какви било конкретни предлози за името.
Димитров денеска во Атина ќе се сретне со неговиот грчки колега и ќе се обиде да ја врати довербата меѓу двата соседи, откако Грција стави вето за членството во 2008.
-Ќе побарам Грција да размисли каков сосед сака, дали сакаат стабилна, пријателска земја која нуди надеж за демократија и правда? Ако сме добар сосед, тогаш се надевам дека политичките сили во Грција ќе сфатат дека ова е историска шанса, истакна Димитров.
Тој вели дека каков било договор за ново име ќе биде ставен на референдум и предмет на меѓупартиски консензус. Весникот пишува дека грчката влада на Сириза ја поздрави новата влада во Скопје нарекувајќи ја покооперативен партнер од претходната која била силно националистичка.
Наспроти ова, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас изјавува дека Грција не отстапува – прво компромис за името, па прием во НАТО и ЕУ. Тој најави дека утре во Атина ќе се разговара за тоа во кој правец ќе продолжат преговорите и додаде дека е многу рано да се зборува дали двете земји се поблиску до решение за името. Грчкиот министер рекол дека од разговорот со Димитров ќе процени дали новите изјави на македонската влада кон Грција имаат пријателски тон.
Грчкиот весник Катимерини повикувајќи се на дипломатски извори, пишува дека Брисел и Берлин се во офанзива за брз прием на Македонија во НАТО под времената референца ФИРОМ.
-Грција очекува ескалација на притисоци можеби и во текот на летото, но она што ја плаши Атина е формулацијата на предлогот на пристапување на ПЈРМ во алијансата со привременото име, со обврска за промена која ќе ја обезбеди договор меѓу Грција и Скопје кој би се постигнал за извесно време, пишува грчкиот весник.
Британски „Гардијан“ пишува дека Македонија и Грција се блиску до решавање на 27-годишниот спор околу името. Скопје го испраќа министерот за надворешни работи во Атина на разговори за ставање крај на долготрајниот спор меѓу соседните држави околу името на Македонија, пишува Гардијан.
Македонија е спремна да го испрати министерот за надворешни работи во Грција додека сè почести се шпекулациите дека двете земји се движат кон решавање на спорот за името, кој трае во изминатите 27 години.
Сигнализирајќи дека е на повидок компромис, Зоран Заев, новиот лидер на социјалдемократите на оваа балканска држава ја искористи својата прва официјална посета во Брисел во понеделникот за да соопшти дека е можно решение. „Знам дека ако имаме пријателски односи и добар пристап, изводливо е решение“, им рече тој на новинарите пред разговорите на министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, со неговиот грчки колега, Никос Коѕијас, во Атина во средата, вели британскиот весник.
Заев, чие стапување на функција пред две недели следуваше по пролонгираната политичка криза во оваа поранешна југословенска република, рече дека сака оваа мала, но стратегиски важна нација да влезе во НАТО и ЕУ „во најкраток можен рок“. Македонија, посочи тој, може да се вклучи во двете под привременото име што во моментов го користи во ОН – ПЈРМ или Поранешна Југословенска Република Македонија. „Ние ќе се обидеме со сите можни мерки да ја придвижиме Македонија кон членството“, рече проевропскиот премиер стоејќи рамо до рамо со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Овој поход се случува во екот на обвинувањата за руско мешање во балканскиот регион. Македонската влада тврди дека поради тоа мешање членството има уште повитално значење. Столтенберг го подвлече тој став, велејќи дека мисијата на НАТО е да се поддржат сите земји што се стремат кон Алијансата. „Сакаме да ја видиме вашата земја како дел од еден стабилен, демократски и просперитетен регион“, рече тој.
Долготрајниот спор околу името беше најголемата пречка за интеграцијата на Македонија во Западот. Грција, која во 2008 година стави вето на влегувањето на земјата во НАТО, жестоко тврдеше дека номенклатурата на нејзиниот северен сосед крие територијални амбиции кон истоимената грчка провинција што лежи директно под југот на републиката. Во скоро трите децении често горчливи јавни кавги, Атина често ја обвинуваше земјата дека се впушта во културна кражба, велејќи дека оваа претежно словенска држава намерно присвоила симболи и херојски личности од античката грчка историја за да ги поткрепи своите аргументи за името.
Но Заев, кој формираше влада во коалиција со партиите што го претставуваат големото етничко албанско малцинство во нацијата, зазеде многу попомирувачки пристап. Минатата недела централно-левичарскиот политичар го критикуваше својот десничарски претходник, Никола Груевски, обвинувајќи го за провокации во текот на деценијата во која беше на функција, со терањето на контроверзната кампања на градење статуи и згради, во која на голем број јавни објекти им го даде името „Александар Велики“.
Во едно телевизиско интервју новиот премиер рече дека политиката на непријателство кон Атина ќе биде прекината веднаш. „Можам само да кажам дека ерата на споменици, преименување на автопати, аеродроми, спортски сали и стадиони со историски имиња завршува“, рече лидерот чие чело со модра лузна е сведоштво за граѓанските немири што ја зафатија оваа минидржава. „Ние ќе ги прифатиме политиките за заедничка европска иднина“. Заев беше повреден кога во оргија на насилство, во парламентот во април упадна толпа што го поддржува Груевски.
Секоја потенцијална промена на името ќе биде ставена на јавен референдум за да биде одобрена. Верзиите на името за кои досега се дискутирало содржат додавање географска квалификација како „горна“, „нова“ или „северна“ Македонија.
Како нешто што Атина го сметаше за голем компромис, Грција во 2007 година објави дека ќе се согласи за сложено име во кое може да се појави зборот Македонија. Во тоа време овој компромис беше поддржан од Панос Каменос, лидерот на малата националистичка партија Независни Грци, која во моментов е на власт со левичарската партија Сириза на премиерот Алексис Ципрас.
Од тогаш, емоциите стивнаа додека во двете земји се вкорени чувството на реална политика. Додека Заев верува дека членството во евроатлантските тела ќе помогне во стабилизирањето на неговата етнички поделена нација, задолжената Грција исто така е спремна за решение додека ја јакне својата од криза опустошена економија на Балканскиот Полуостров.
„Многу е важно Грција да го реши овој спор ако сака да игра важна улога на Балканот“, вели Димитрис Керидис, професор по политички науки на универзитетот Пантеон во Атина. „Нашиот сосед страда од многу длабоки внатрешни поделби, а новата влада верува дека единствениот начин да се стабилизира земјата е да стане дел од евроатлантската архитектура“, изјави тој за Гардијан. „Јасно е дека таа е спремна да направи компромис со Грција за да го постигне ова, компромис што по многуте години криење зад непопустливоста на Груевски, сега ќе ги сврти рефлекторите кон грчката дипломатија“.
Македонија разгледува предлози за нејзиното привремено име во обид да го откочи грчкото противење на нејзиното членство во НАТО. Oва е првата речен