Константин Христов Саров или Саровски, наречен Коте, познат како Константинос Котас или Котас Христу, бил деец на Македонската револуционерна организација, но по засилувањето на грчката вооружена пропаганда застанал на страната на грчката кауза и учествувал во Борбата за Македонија како андартски капетан. Коте е роден 1863 година во костурското село Руља во областа Корешта. Останал без образование. Во пролетта 1898 година заедно со Павел Киров (Павлос Киру) од село Желево, со мала чета се одметнале и ја обиколувале Корешта.
Оваа ајдутска чета се занимавала со ситни напади, кражби и убиства на бегови од кои населението трпело насилства. Овие ликвидации го привлекле вниманието на турските власти и во селото Писодер, Коте бил заробен и осуден на затвор, казната ја отслужувал во Корча.
Во 1899 година Коте излегол од затвор и стапил во контакт Павел Христов и Лазар Поп Трајков, раководители на Македонската револуционерна организација во Костурско. Тие во согласност со политиката на Организацијата го поканиле да се потчини на нејзините принципи и да земе учество во македонското револуционерно движење.
Коте и по влегувањето во Организацијата не се откажал од своите арамиски навики и поради тоа дошол во судир со раководниот кадар на Организацијата, извршувајќи ситни грабежи и изнудувања. Бидејќи Четничкиот институт сѐ уште не бил до крај изграден таквата дејност на Коте била толерирана од страна на Организацијата и затоа Коте и понатаму извршувал разни задачи за неа, како што биле разни ликвидации, пренесување на организациска документација и оружје.
Меѓутоа, Организацијата не можела долго да ја толерира таквата дејност на Коте и тој бил осуден на смрт, а во октомври 1900 година е извршен неуспешен обид за негова ликвидација.
По овој неуспешен обид за ликвидација Коте стапил во контакт со костурскиот патријаршиски митрополит Германос Каравангелис. На оваа средба митрополитот Каравангелис истакнал: „Вие сте Грци уште од времето на Александар Велики, но поминаа Словените и ве словенизираа. Вашиот изглед е грчки и земјата што ја газиме е грчка. За тоа сведочат и спомениците што се скриени во неа, и тие се грчки и монетите што ги наоѓаме се грчки и натписите се грчки. Впрочем, нашата црква и патријаршијата секогаш беа во првите редови на слободата. Додека Бугарија не се покажа способна дури ни самата да се ослободи, туку беше ослободена од Русија. Па чекаш сега таа да ја ослободи Македонија? И си правиш илузии дека е можно некогаш европската дипломатија да ја потврди Македонија за Бугарија, а особено Лерин и Костур, кои се одвај два дена од грчката граница, додека од бугарската се на далечина од седум дена? „Потоа му зборував и за убиствата и му реков дека ако навистина Бугарскиот комитет работи за слободата за една толку света цел, не би можел да прави такви злосторства, да одзема насилно пари од сиромашните селани и да убива невини луѓе. „Од денес” му реков „ти ќе бидеш со нас, ќе бидеш прв човек. Ќе те исправам долу да ги запознаеш грчките цареви а твоите деца ќе ги испратам да учат во Грција“
Коте ги прифатил барањата на митрополитот, а за возврат од него добивал плата од 10 лири и неговите двајца сина ги испратил на школување во Атина каде што ги примил Павлос Мелас.
Тој продолжил со својата ретроградна дејност и во август 1902 година повторно е направен обид за ликвидација на Коте во селото Ошчима. Oбидот бил неуспешен, но во текот на нападот бил заробен неговиот содружник Геле Трсијански. Кон крајот на август 1902 година во Костурско пристигнал полковникот Атанас Јанков со својата свита настојувајќи да предизвика востание во Македонија. Јанков откако не успеал да се договори со раководителите на Македонската револуционерна организација се поврзал со Коте и заедно почнале да коваат планови за напад врз Лерин.
Контактите на Коте со грчката пропаганда како и здружувањето со полковникот Јаков, кој бил деец на Македонскиот врховен комитет, допринеле во април 1903 година да дојде до потврдување на смртната пресуда на Коте од страна на костурското раководство под притисок на Пандо Кљашев и Васил Чакаларов, и покрај спротиставувањата на Даме Груев и Лазар Поп Трајков. Меѓутоа и покрај таа пресуда, во текот на Илинденското востание Лазар Поп Трајков со одред од 600 души се сретнал со Коте.
При оваа средба Поп Трајков му ги простил грешките на Коте и го ангажирал во востаничките борби. Коте бил помилуван бидејќи имал авторитет меѓу населението поради поранешните ликвидации на разните турски зулумџии и насилници. На 28 јули еден одред од 200 души на чело со Ангел Андреев и Коте го нападнале турскиот гарнизон во селото Папли. Борбата траела неколку дена. По нападот Коте зграбил дел од добитокот и се повлекол во својот реон. По востанието кај него засолниште побарал војводата Спиро Олчев со двајца четници, но Коте ги разоружал и заробил. Засолниште кај Коте побарал и тешко повредениот костурски началник Лазар Поп-Трајков, со кого Коте се смирил за време на востанието, но Коте, одлучил веќе конечно да премине на грчката страна, му ја отсекол главата и ја пратил кај костурскиот владика Каравангелис, од кого добил 50 фунти. Како одмазда за овој чин Македонската револуционерна организација ги ликвидирала таткото и братот на Коте во селото Брзеница. По овие убиства Коте се засолнил во Атина кај своите синови, кои таму учеле со стипендии обезбедени од митрополит Каравангелис. Во март 1904 година се вратил во Македонија заедно со Павел Киров од Желево. Тие двајца и со неколку души од влашкото село Писодер формирале база на грчката пропаганда по течението на Рупелска река. Коте ја пресретнал првата андарска грчка чета на чело со Павлос Мелас. По доаѓањето на оваа чета, Коте започнал со гонење дејците од македонското револуционерно движење. На 4 мај, Коте го ликвидирал егзархискиот учител Георги Трајков од селото Трново. Истиот ден, Коте ја ликвидирал жената на свештеникот на Трпо Поповски и тетката на Васил Чекаларов. Набргу по овие настани Коте бил заробен од турските власти.
Според грчката дипломатска документација, Хилми Паша пред грчкиот козул Димитриос Калергис истакнал дека Каравангелис е заслужен за заробувањето и ликвидацијата на Коте.
По Балканските војни новите грчки власти родното село на Коте го преименувале во Котас, неговата куќа била претворена во музеј, а во селото има и негов споменик со натписот Пионир на Македонската борба.