WikiLeaks: САД се интересирале за можно влегување на Бугарија во составот на СССР

Американските власти во средината на 1970-тите сериозно им пристапиле на шпекулациите за можното пристапување на Бугарија во составот на поранешниот Советски сојуз, укажуваат документите објавени во понеделникот на бугарскиот портал Bivol.bg, преземени од интернет ресурсот WikiLeaks.

 Во еден извештај, кој носи датум 24-ти мај 1974 година, се зборува за информациите добиени од извори во романската престолнина Букурешт, според кои бугарските власти, наводно, размислувале земјата да стане дел од Советскиот сојуз како негова 16-та република, што ќе го отвори прашањето на создавање коридор низ Романија за поврзаност со СССР. Неименувана амбасада од земја членка на НАТО, ја оценила таа можност со 80 отсто. Во депешата, сепак, се забележува дека овие сознанија веројатно претставуваат дезинформации.
„Не ја исклучуваме можноста овие слухови да потекнуваат од некои странски извори со интерес да дезинформират со цел да ги дискредитираат Советите (Кинески), или да предизвикаат раздвижувања (самите Совети)”, пишува тогашниот американски амбасадор Барнс во тајната телеграма испратена до Вашингтон, како и амбасадите на САД во Софија и Москва.
Во дипломатска депеша, пак, испратена неколку дена подоцна како резултат на шпекулациите во Букурешт, на 28-ми мај 1974 година, американскиот амбасадор во Софија, Херц, го провоцира романскиот амбасадор Симедреа што мисли за повторните слухови за можното пристапување на Бугарија во Советскиот сојуз. Романскиот дипломат изразил скептичност во однос на ваквата хипотеза, и според него спојувањето не би одело во полза ниту на Бугарија, ниту на СССР.
„Можеме само да им се восхитуваме на Бугарите. На површината тие се едно со Советскиот сојуз, но под површината тие се најнационалистичката држава на светот”, коментирал романскиот амбасадор Симедреа, според депешата на неговиот американски колега.
Контроверзниот сајт WikiLeaks во понеделникот објави 1,7 милиони документи од американските дипломатски и разузнавачки служби кои потекнуваат од периодот од 1973 до 1976 година. Како што претходно во понеделникот најави Австралиецот Џулијан Асанж, основачот на овој ресурс кој го налути Вашингтон кога од 2010 година почна да објавува стотици илјади тајни документи за војните во Ирак и во Авганистан како и дипломатската преписка на Стејт департментот, новите документи ќе фрлат светлина „врз целиот спектар” американски акции кои имале влијание врз светската политика и историја. Многу од документите биле адресирани до или лично напишани од Хенри Кисинџер, еден од највлијателните американски политичари, кој беше американски државен секретар во периодот од 1973 до 1977 година. Податоците, во секој, случај не содржат сензационални откритија, меѓутоа сепак претставуваат значаен материјал за историчарите.
Makфакс
Американските власти во средината на 1970-тите сериозно им пристапиле на шпекулациите за можното пристапување на Бугар

Пронајдете не на следниве мрежи: