Денес, драги мои читатели, како што вели големиот Македонец Ефтим Kлетников, требаше да пишувам за необјективноста на еден електронски медиум. Тој медиум на крајно тенденциозен начин, веќе подолго време известува и се обидува да анализира, за протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, упадот на граѓаните во Собранието на Република Македонија, и насилството што се случи врз одредени парламентарци. Притоа медиумот употребува термини „толпа“, „намера за убиство“, „убиство“, „обид за убиство“, без да го знае нивното правно значење и без претходно барем сувопарно да ги прочита дефинициите за овие термини и да и ги претстави на јавноста. Исто така го изоставува контекстот на случувањата, т.е точното време на настаните, местото каде се извршуваат и конкретните извршители, што е многу битно за причинско-последичната врска во правото, а најконкретно во кривичното право. Медиумот, свесно или несвесно, намерно или ненамерно, го исчитува кривичното право со очила на политиката, дури би рекол очила на политиканството, а на јавноста и го образложува и сервира преку една первертирана диоптрија, диоптрија на македонскиот медиумски лилјак. Но, за сето ова во некоја друга пригода.
Зошто? Доцна вечерта во саботата преку интернет-порталите разбрав за гестот на Талат Џафери кога неуставно го зазел кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија и на неговото работно биро ја поставил книгата „Балкански мегаетникум – Националните доктрини на македонските соседи“, од авторот Димитар Мирчев. Овој гест го коментира Филип Петревски и се обидува да ни открие што сакал Талат Џафери да ни порача. Филип Петревски ни претставува четири фотографии: Академија на науките на Албанија – Платформа за решавање на албанското прашање; Белешка, со дел од текст; Вовед, со дел од текст; и Патот за решавање, со дел од текст. Притоа тој кратко ни објаснува дека, Талат Џафери испраќа порака за обединување на нивните (албанските) простори. Додава, дека се работи за платформата за решавање на албанското национално прашање на Балканот. Со сиот респект кон почитуваниот Филип Петревски и неговата добронамерна желба да ни укаже за што се работи, ценам дека тоа е недоволно. Имајќи во предвид во каква состојба се наоѓа Република Македонија денес, како и фактот дека Талат Џафери во Собранието на Република Македонија е избран за претседател на Собранието на Република Македонија, на неуставен, противзаконски начин, и во постапка надвор од одредбите на Деловникот на Собранието на Република Македонија, мислам дека е потребно поголемо објаснување.
Пред било што друго да напишам, отворено и јавно му се обраќам на господинот Талат Џафери и го замолувам тој лично да ни го објасни гестот што го направил со оваа книга и пораката што сака да ни ја испрати. Мислам, а и сигурен сум, дека тоа е најисправниот и најкоректниот начин македонската јавност да го спознае гестот на човекот кој во кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија на видно место ја поставува оваа книга, а секако и да ни каже што сакал да постигне со тоа. Имајќи предвид дека денешните модерни политичари, милуваат, и во тоа уживаат, да ни се обраќаат преку „Фејсбук“, „Твитер“ и „Инстаграм“, го молам господинот Талат Џафери тоа да го направи преку овие медиуми, како што и досега многупати го правел тоа, уште во текот на денешниот ден – понеделник, денот кога колумната излегува во печат. Додека го очекувам одговорот на господинот Талат Џафери, најповеќе ден, два, јас нема да го коментирам гестот, и нема да давам анализа за тоа каква порака тој ни праќа. Но затоа пак, објавувам дека во наредните неколку колумни ќе пишувам за книгата „Балканскиот мегаетникум“, на авторот Димитар Мирчев. Поточно, ќе се обидам да направам една анализа што се содржи таа книга, и притоа ќе го истакнам значењето на нејзината содржина во контекст на актуелните случувања во Република Македонија и пошироко на Балканот.
Денес, само кратки напомени како вовед во содржината и значењето на ова епохално дело на исто така големиот Македонец, Димитар Мирчев, но и не само Македонец туку и космополит во светски рамки. Kнигата „Балкански мегаетникум – Националните доктрини на македонските соседи“ е издадена во 2012 година од издавачот „ВиГ Зеница“, Скопје, уредник Глигор Стојковски. Инаку, таа е дел од едицијата „Полуостровот“. Истата е посветена на неговиот внук Леон, со желба да живее во еден свет без национални доктрини. Рецензенти на книгата се професор доктор Бранислав Саркањац и професор доктор Далибор Јовановски, а автор на идејното решение на кориците е Kатерина Апостолска. Kако што напишав, денес само накратко еден мал дел од рецензиите на споменатите професори. Тие истакнуваат дека професорот Димитар Мирчев во својата книга констатира дека националните доктрини на соседите во последните две – три децении во значителна мера се инструментализирани во реалните политики во државите на Балканот, кои инаку доведоа до многубројни конфликти, насилства и трагедии. Дури и денес тие им се закануваат на мирот и на стабилноста во регионот и особено на позицијата на Република Македонија и македонската нација, на нејзината етногенеза, конститутивност, идентитет, опстанок…. На крајот рецензентите заклучуваат дека професор Димитар Мирчев е методолошки беспрекорно поставен, со мунициозна и пробивна теориско-аналитичка апаратура. Засега од нив толку, а мислам и некоректно е во поголема мера јас да ја изнесувам нивната рецензија. Можеби и тие ќе бидат испровоцирани како и јас што сум, па ќе напишат нешто повеќе, дури и постручно од мене за ова епохално дело на нашиот драг „Профешуре“, како што јас и уште неколку други, нему блиски луѓе, го ословувавме.
Ќе си земам за право, денес да ја пренесам и неговата интимна размисла дека кога се зафатил да го пишува овој труд, посакал неговиот предмет да го нема, едноставно националните доктрини на нашите соседи да не биле напишани. Тој мислел, а и нам тоа ни го соопшти со оваа книга, дека Македонија би била многу посреќна без вакви доктрини. Kако и да е, тој се помирува дека реално тие беа родени од објективните позиции на македонските соседи, и никој не може да го негира нивното постоење. Kако што самиот вели, дека колку и да се субјективистички, национално и етнички пристрасни, тие постојат, влијаат на политиката, и на односите на Балканот, с` уште не се надминати, с` уште се актуелни во односите во соседството и во регионот и заклучува дека најверојатно и понатаму ќе бидат актуелни. Во воведната белешка ни соопштува дека се зафатил со овој труд со цел да ни го претстави, да го обработи и критички да се осврне на сите тие национални доктрини. Тој е искрен и ни признава дека не може да му одолее на искушението тоа да не го направи. Резултатот е напишаната книга. Самиот објаснува дека смислата е сите ние да разбереме дека односите на Балканот и во соседството на Македонија, не настануваат случајно и спонтано. Напротив, тие имаат своја генеза, социо-историја, социјална и развојна подлога, а секако имаат и свои мотиви, актери, поттикнувачи и поддржувачи. Kако автор се надева дека разбирањето на целиот тој комплекс на прашања, односи, состојби и проблеми, може да помогне во кристализирањето на меѓудржавните односи на Балканот, како и на востанувањето на политиките и постапките на земјите во регионот. Во тој контекст и меѓу Македонија и нејзините соседи, па и внатре во поредокот на самите држави. Професорот Димитар Мирчев, како автор на оваа книга, не пропушта можност да ни го претстави неговото верување дека македонскиот народ и македонската нација, секако и македонската држава, без оглед на документите, и моменталните политики и предизвици ќе опстојат и ќе се одржат, дека нема да потклекнат на искушенијата на кои сме изложени и со кои реално се соочуваме. Мото во воведната белешка му е слоганот на Гане Тодоровски – Kолку сме, толку сме, токму сме! Мора да се признае дека тоа е скромност што мора да се истакне, но и горделивост и родољубие што треба да не краси секој од нас. Инаку, книгата го има најдолгиот предговор што може да го има една книга, под наслов „Балканскиот мегаетникум – од етноромантизам до етнонасилство“. Всушност тоа е еден есеј од тринаесет точки, напишан на 90 страни, и е вистинска социолошка, политолошка, психолошка и културолошка студија за балканскиот мегаетникум. Во неа, авторот најпрвин ни го претставува Балканот низ историјата, ги констатира најбитните проблемски прашања за него, ги посочува претставите и стереотипите во врска со предметната материја, ни го дава транзицискиот јазол, при што се служи со теоретски пристап кон нацијата и правилна употреба на теоријата и историјата. Во тој контекст ги претставува албанската национална доктрина, бугарската доктрина, грчката доктрина и српската доктрина, и за сите дава научна анализа и дијагноза на врвен стручњак. На крајот преку заедничките и сумарни изводи на овие доктрини ни го објаснува поимот „Мегаетникум“. Инаку, книгата е преведена на англиски, српски и словенечки, и освен во Македонија е издадена во Република Србија и Република Словенија.
Притоа медиумот употребува термини „толпа“, „намера за убиство“, „убиство“, „обид за убиство“, без