Значи, што е политиката и каква треба да биде? На ова прашање никој не може да даде комплетен или целосен одговор затоа што политиката секогаш е незавршена работа. И затоа никогаш не запира, ниту некогаш ќе запре.Политиката постоела и пред 1.000 и пред 500 години, постои денес и ќе постои за 500 години. Затоа што секое општество и секоја заедница има свој поредок и организација, свое управување и начин на функционирање, односи и релации меѓу луѓето и групите, јавно и приватно.
Политиката секогаш е незавршена работа затоа што секогаш има работи што треба и може да се подобрат, но и секогаш има добри работи што може да се влошат или упропастат. Секогаш во општеството има сегменти и категории лица што сметаат дека треба да имаат поголема улога, да имаат поголем глас, поголеми права. Истовремено, постојат други сегменти или категории луѓе што тоа го сметаат како нарушување на нивната позиција и така политиката е перпетуум-мобиле што никогаш не запира.
Ако на тоа се додадат и меѓусоседските односи, тогаш сликата станува уште покомплицирана, но останува реална затоа што таква е политиката и таква е реалноста. Со илјадници години. Секогаш односите помеѓу две држави или две царства или две цивилизации се комплексни. Такви се и односите помеѓу секои два соседни града или две соседни села.
Така почнува, продолжува и никогаш не запира политичкиот процес. Се градат сојузи и коалиции, кои се составуваат и распаѓаат. Сојузништвата се одржуваат или растураат, како и внатрешните околности.
Но, прашањето е како во тие околности да се извади максимумот за народот? Kако народот да живее подобро, како да се спречат големите несреќи и како да се извади подобар скор?
Во современиот политички дискурс и околности тоа може да се случи ако во едно општество нема премногу голема поларизација која е на работ на отворен конфликт. Таквата поларизација и таквата конфликтност носи тензии и судири, кои внатрешно го слабеат општеството. Нема елементарна кохезија, а конфликтите ги загрозуваат економијата и стандардот.
На тој начин се нагризува единството, а политичките процеси стануваат деструктивни, со своја динамика на повторување. Секој исход резултира со реални или нереални политички жртви, кои после тоа своите постапки ги оправдуваат со „неправдите“ кон нив. И така конфликтот се рециклира, се обновува повторно и повторно, слабеејќи ги општеството и кохезијата.
Не, никој не вели дека политиката не треба да биде натпревар. Политиката е секогаш натпревар и така треба да биде. Натпреварот дава нов квалитет и подобри постигнувања.
Натпреварот е природна состојба на работите, во која има спротивставености. Различни се амбициите, различни се постигнувањата, различни се капацитетите. Секогаш има некој што победил и некој што загубил. Или некој што е задоволен и некој што не е задоволен.
Но, резултатот не треба да биде омраза и непријателство. Така се рециклираат жестоките конфликти. Така се повторуваат. Резултатот е општа загуба, која резултира со незадоволство. Од тоа незадоволство после произлегуваат новите големи конфликти и циклусот се повторува.
Општествата што сето ова поуспешно и подобро го менаџираат, обично имаат поголеми успеси. Успесите ја јакнат внатрешната кохезија, која дава успех и задоволство, па така се повторуваат добрите импулси во општеството.
Човекот си останува вечен и перманентен зоон политикон, односно политичко суштество, со свои ставови, мислења, позиции… За некои од овие прашања има сојузници и истомисленици. И ете го продолжувањето на политиката, но и политичкиот процес.
Нема да запрат затоа што таква е природата на човековиот табиет, таков му е карактерот, но и такви се околностите. Ова се некои општи погледи и општи закономерности кои можат да се изведат како некој општ заклучок, на кој секако може да му се противречи. Така настануваат новите книги, новите анализи, новите мислења.
Од сето ова може да се изведат и повеќе заклучоци за Македонија, а кои се логични и евидентни. Македонија и македонската политика мора да се грижат за своите интереси затоа што тоа никој не може да го прави подобро од нас самите. Македонските состојби се македонска одговорност затоа што нашите граѓани се најзасегнати.
За крај би сакал да ви го честитам Илинден. Тоа е вечниот македонски идеал, вечната македонска борба и вечниот порив за слобода и самостојност.
За многу години Илинден. Честит Илинден Македонци и сите останати каде и да сте.
Колумна на Влатко Ѓорчев за КурирПолитиката постоела и пред 1.000 и пред 500 години, постои денес и ќе постои за 500 години. Затоа што секое општество и секоја заедница има свој по