За заедничка Македонија порачува– Избори се за Македонија

Со порака „Избори се за Македонија“ испишана на  голем транспарент, приврзаниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и вечерва беа на протестен марш во главниот град, движејќи се од пред зградата на Владата до пред Собранието на РМ.Борис Дамовски во обраќањето пред насобраните граѓани рече дека го продолжуваат отпорот кон прекршителите на Уставот, законите и процедурите кои, рече, единствено се штитени од претседателот Ѓорге Иванов и од народот на Македонија.
– Има начин да се бориме, тоа ќе биде нашата правна борба во иднина – секој од нив поединечно ќе одговара пред правото и законот, ќе одговара пред сите вас, пред сите излажани, онеправдани и изманипулирани од тиранската платформа, која час поскоро беше покажана со знаменцето на дескот на вршителот на должноста на Собраниево… Покрај овие протести, имаме многу други начини да дејствуваме. Во нефункционална држава – нефункционални даноци, нефункционални сметки, блокирани улици. Само едно оружје имаме – народот – бројноста, сплотеноста, присутноста и верата. Веруваме во ова што го правиме 71 ден, рече Дамовски.
 
Додаде дека наскоро ќе оформат правен тим кој ќе состави, како што рече, „сериозна тужба против поединци, групации, партии и генерално предавници“ на кои ништо не им значат знамето, грбот и химната на државата.
– Сериозен преседан им дадоа идеите дека нашето име треба да се реши на референдум. Мене ми е решено од дедо и баба. И затоа, Македонци, граѓани, бараме избори и попис, но пред се – држава во која важат законите, редот, за да се врати мирот во нашите срца, додаде Дамовски.
Богдан Илиевски повика на граѓаните да им се овозможат нови избори на кои ќе се изјаснат за точките од тиранската платформа.
– Знаат дека таква поддршка немаат, лажат дека биле 700.000. Не е точно, милион и двесте илјади Македонци беа излажани после изборите со новиот договор меѓу фамозната, неславна тиранска коалиција. Тоа не им одговораше, но избори еден ден ќе има, и тогаш ќе го чујат одговорот на луѓето кои сега се жртви на т.н. современа окупација, бидејќи нема друг збор како да се објасни она што се случуваше во овој дом и во нашата земја во последниот период, рече Илиевски, додавајќи дека без Устав, без закони и со непочитување на процедурите, ќе нема ни држава.
На крајот од протестот пред Собранието, тој најави дека утре, на Денот на Европа, маршрутата ќе помине и покрај седиштето на Делегацијата на Европската унија во Скопје.
 Борис Дамовски во обраќањето пред насобраните граѓани рече дека го продолжуваат отпорот кон прекршителите на Уставот, законите и процедурите

Пронајдете не на следниве мрежи: