Дирекцијата за заштита на личните податоци по службена должност изврши вонреден инспекциски надзор во Државната изборна комисија (ДИК) по однос на објавувањето на личните податоци од Избирачкиот список на нејзината веб страница и донесе две привремени решенија.Со едното, како што соопшти, се забранува ДИК да обезбедува електронски пристап до личните податоци во Избирачкиот список објавен на веб страницата https://izbirackispisok.gov.mk/ на начин кој не е во согласност со прописите за заштита на личните податоци, а со другото, на ДИК и се забранува да објавува на својата веб страница лични податоци на физички лица (име и презиме, пол, адреса, место и општина, датум на раѓање, податок за иселени лица и број на гласачко место), содржани во Списокот на неконзистентни записи-предмет на теренски проверки.
Привремените решенија, наведува Дирекцијата, се издадени со цел да се спречи натамошна повреда на правата на субјектите на лични податоци и нанесување евентуални штетни последици до донесувањето на решенијата.
– ДИК е задолжена да преземе мерки при пребарување во Избирачкиот список објавен на веб страницата: преку одредена општина да не се прикажуваат личните податоци на сите избирачи во таа општина, преку одредена адреса да не се прикажуваат личните податоци на сите избирачи на таа адреса и преку одредено име и презиме да не се прикажуваат личните податоци на сите лица кои го имаат тоа име и презиме, наведува Дирекцијата.
Во привременото решение е утврдено дека објавувањето и електронскиот пристап до личните податоци во Избирачкиот список преку веб страницата на ДИК од страна на неодреден број лица не е правично и во согласност со закон и е извршено на начин што не е во согласност со конкретна и јасна законски утврдена цел, спротивно на член 31 став 2 точка 28-в и 28-г од Изборниот законик и член 5 став 1 и став 4 од Законот за заштита на личните податоци.
Според Дирекцијата, Изборниот законик во членот 55 став 1 предвидува дека личните податоци содржани во Избирачкиот список се заштитени во согласност со закон и не смеат да се употребуваат за ниедна друга цел, освен за остварување на избирачкото право на граѓаните. Но, со овозможувањето на електронски пристап до името и презимето и адресата на сите избирачи преку интернет за неодреден период, постои ризик личните податоци да бидат употребени и за други цели.
За другото привремено решение, Дирекцијата појаснува дека Државната изборна комисија нема правен основ да врши обработка преку објавување на лични податоци на физички лица, кои ќе бидат утврдени како неконзистентни записи и ќе бидат предмет на теренски проверки.
– Објавувањето и овозможувањето електронски пристап на Списокот на неконзистентни записи-предмет на теренски проверки кој содржи 89 384 записи со лични податоци на физички лица каде што пристап и можност за преземање имаат неодреден број лица, не е правично и не е во согласност со Изборниот законик и Законот за заштита на личните податоци, стои во соопштението.
Пред иницирањето на вонредните надзори, Дирекцијата за заштита на личните податоци, како што наведува, во повеќе наврати одржа состаноци со Државната изборна комисија и достави мислење и укажување во врска со објавувањето на лични податоци од Избирачкиот список на веб страната на Државната изборна комисија.Со едното, како што соопшти, се забранува ДИК да обезбедува електронски пристап до личните податоци во Избирачкиот список објавен на веб страницата