Зарем за ова се радуваат?

Што научи Македонија од насилните протести на СДСМ последниве 18 месеци? Kои заклучоци може да се изведат? Што ново видовме? Што доби, а што загуби државата?Прво, насилните протести не донесоа ништо добро. Донесоа само внатрешна дестабилизација, ја ослабија државата, а особено многу трпеше економијата, инвестициите и новите работни места.
Второ, се виде дека во Македонија нема ниту потреба, ниту услови за „шарена револуција“. Ниту во државата има „режим“, ниту некој ги спречува професионалните „активисти“ во нивниот занает. Ниту, пак, некој многу се потресува или е многу загреан за нивните каузи и наратив. Убедливото мнозинство македонски граѓани се прилично индиферентни кон СДСМ и Сорос-агендата.
Дополнително, со последните нивни акции за рушење и блокирање на сообраќајот, веќе им одат на нерви на повеќето од граѓаните, особено на неопределените. Знаете, тоа е таа ситуација кога 50 души малтретираат 50 илјади возачи и патници на температура од 50 степени на сонце. И потоа се чудат зошто не поминуваат кај народот.
Трето, особено последниве месеци, се виде дека имаме значителен сегмент од НВО-секторот кој е апсолутно во партиско-политичка функција. Тоа е легитимно, но ќе беше фер да биде сето тоа малку потранспарентно. До вчера сите тие ни се прикажуваа како „независни“ (нели?), како „непартиски“ (да, сигурно), демек во „еквидистанца“ кон партиите (чесен збор). Почна револуцијата и паднаа маските. Си ја земаа страната за која секогаш работеле, за нивниот омилен СДСМ, како наследник на демократскиот и плурален Сојуз на комунистите на СР Македонија.
Четврто, се виде дека внатрешната слабост на Македонија веднаш ги буди апетитите од страна, демонстрирано преку битката за Kуманово 2015 година. Секогаш кога Македонија е поделена и ослабена, одредени регионални кругови имаат свои идеи и агенди. Македонија жестоко се спротивстави, а МВР ги одбрани мирот, суверенитетот и независноста.
Петто, кога има ваква дестабилизација и политичка криза, има последици за економијата. Пред кризата, речиси секој месец се објавуваше или отвораше нова фабрика. БДП растеше со околу 4 проценти, а комшиите ги копираа нашите мерки и политики. Македонија беше најчестиот победник кога некоја голема странска фабрика требаше да донесе одлука да инвестира.
Сега таквите убави вести станаа поретки поради кризата предизвикана од Зоран Заев, а нашиве таленти од СДСМ се радуваат и ги трлаат рацете. Среќни се зашто нивната деструкција барем делумно успева. Ако не можат да ја турнат Владата или да го сменат мислењето на народот, тогаш барем да напакостат што повеќе на економијата.
Врв на таа злорадост е задоволството во СДСМ за скратените 20 милиони евра од ИПА-фоновите на ЕУ. Среќни, затоа што кризата на Зоран Заев резултира со губење на средства за Македонија. Среќни, затоа што напакостиле на сопствената држава. И, бараат уште поголеми удари врз Македонија, бараат санкции и казни. Можно ли е ова?
Можно ли е СДСМ да се радува на ваквите пораки за Македонија? Додека Грција добива стотици милијарди евра, додека Бугарија добива десетици милијарди евра, додека Ердоган и Турција добиваат 3 плус 3 милијарди евра, додека Ѓукановиќ и Црна Гора добиваат стотици милиони евра, нашиве од СДСМ слават и се радуваат дека Македонија загубила 20 милиони евра?!
Можно ли е најголемата опозициона македонска политичка партија да падне на ова дереџе? Зарем е толку голема нивната омраза кон ВМРО-ДПМНЕ, што веќе не се ни обидуваат да глумат елементарно конструктивна партија?!
За жал, првенците на СДСМ веќе отворено работат на штета на Македонија, особено на меѓународен план. Знаат дека одамна се прочитани од македонските граѓани. Едноставно не поминуваат кај македонскиот народ и тоа е тоа. Затоа, сега се префрлени да друг терен и друг колосек, со цел рушење на Владата макар и по цена на сериозни, сериозни штети за Македонија.
Последниот заклучок е дека македонската државност е трајна придобивка, која секоја генерација ќе треба да ја одржува и негува. Македонската државност и право на одлучување за сопствените работи е длабоко демократски дискурс, природно право на македонските граѓани, без кои нема слобода и демократија.
Слободоумните луѓе имаат право да мислат, да коментираат, да зборуваат, да одлучуваат. Тоа е во темелите на демократијата, тоа е во темелите на современа Европа. На тие принципи е изградена западната политичка мисла и политички поредок, кон кои што Македонија припаѓа и каде што веќе одамна заслужува свое место во евроатлантската заедница.
Македонија ќе ја преживее и ќе помине и оваа криза. Многу кризи сме поминале и сме опстанале. Нема живот без кризи, политика вез предизвици, држава без проблеми и народ без различни мислења. Ќе помине уште некое време и сето ова ќе биде зад нас.
Од секоја криза се извлекуваат поуки и заклучоци. Така подобро ќе ги дочекаме следните кризи и неизвесности, кои неизбежно доаѓаат. Но, ќе има и добри моменти, успеси, одење нагоре. Ќе има и добри, и тешки моменти. Таков е животот, и таков ќе биде. И тука, и на секое друго место.
 
Пишува: Влатко Ѓорчев за ДневникПрво, насилните протести не донесоа ништо добро. Донесоа само внатрешна дестабилизација, ја ослабија државата, а особено многу трпеше економијата,

Пронајдете не на следниве мрежи: