Во селото во кое пред 127 години била најдена надгробната плоча на Никола, Рипсимија и Давид денес никој не слушнал за нивните гробови. За нас остана енигма што се крие во стариот дел од црквата „Свети Герман“, кој се држи под клуч за обичните посетители, објави Дневник.Сонцето како вршник го имаше приклештено некогашното егејско село Герман, денешно Агиос Германос распослано на неколку километри од Преспанското Езеро на грчка страна. Ни 40-тиот степен над нулата не не одврати од потрагата по гробницата на родителите и братот на цар Самуил. Повеќе од еден век се претпоставува дека почиваат во црквата „Свети Герман“ (Агиос Германос) во некогаш најбројното македонско село во Егејот. Но, гробот како да пропаднал в земја, досега никој не го нашол освен надгробната плоча што ја напишал Самуил, а била пронајдена во 1888 година и завршила во Софискиот музеј.
Среде село пред нас се покажа голема монументална црква во византиски стил, која датира од 11 век, а досега неколкупати била доградувана и реставрирана. До нејзиниот ѕид прилепена е уште постара камена градба од осмиот век. Храмот беше спроти полициската станица, па во близина имаше група грчки полициски службеници. Вратничката беше отворена и тргнавме зад црквата каде што се наоѓаа гробиштата. Гробните места овде со децении привлекувале историчари и други истражувачи во потрага по гробовите на родителите на цар Самуил, таткото Никола, мајката Рипсимија и на брат му Давид.
Чии мошти крие црквата?
Пребарувавме низ гробиштата, но најстарите плочи со запишани години беа од крајот на 19 век. Вниманието ни го привлекоа неколку стари камења како надгробни обележја, но на нив времето го избришало писмото. Ако гробот постоел, а не бил зачуван со време, можно е да му се изгубила трагата или се измешал со новите гробни места. В очи ни падна тоа што сите надгробни плочи беа испишани на грчки јазик, иако меѓу покојните имало и егејски Македонци.
Во потрага по некаков белег кој ќе ни ја открие вековната тајна, влеговме во црквата. Беше отворена и се прикажа широка внатрешност со ентериер ист како во нашите цркви. Н` пречека иконата на светецот Герман насликан со книга во раката, а до неа позлатена кутија со негови мошти. Пишуваше дека бил цариградскиот патријарх, заштитник на Kонстантинопол.
Иконостасот беше нареден со икони на Исус Христос, св. Димитрија, св. Михаил, св. Параскева, а на околу светите Филип, Илија, Стефан, Трифун и други. На таванот се поставени раскошни лустери, а околу дрвени црковни столови, певница. На еден од столбовите исцртана е црвена владичка капа или круна со крст. Во резбите најчестиот врежан симбол е двоглавиот орел ,кој се користи од византиско време и означува победа, царство и духовен помен.
Но, не успеавме да влеземе во постариот храм чија врата беше приклештена со нешто цврсто однатре. Оној што ја затворил најверојатно излегол низ олтарот на соседната црква, каде што, пак, имаше мало и ниско вратниче колку да се протне некој со лазење. Отворот беше врзан и прекриен со црвено кадифе. Kога помисливме да се протнеме, во црквата се појави полицаец. Дали од верски причини или да направи контрола? На англиски јазик ни кажа дека за црквата се грижи Јанис Сокларидис, а потоа си замина.
Веруваат во поглаварот на црквата на Самуил
За наша несреќа питропот не беше дома, заминал в планина со овците. Нe пречека ќерка му Марија, која на македонски јазик со егејски дијалект ни раскажа за друг свети Герман.
„Татко ми е единствениот нашки жител од селото кој се грижи за црквата. Во стариот дел е закопан свети Герман, заштитник на селото. Веруваме дека бил првиот поглавар во црквата на Самуил. Се викал Герман Гаврил и бил близок на семејството на Самуил. Се кажува дека Самуил и на синот му го дал името по него, Гаврил Радомир. Но, дека тука има гроб на некој од семејството на Самуил не сум чула“, ни рече Марија.
По ова остана енигма кој Герман е закопан во селото.
„Порано во него многу поминуваа нашите. Но, тие со војната се иселија и дојдоа доселеници. Тие не се како нас во куќи од дедо, прадедо, тука најдоа објекти и си влегоа. Селото од 3.000 жители, сега има 150 од кои само пет фамилии се Македонци. До пред пет години имаше кој да каже за историјата, сега изумреа, а ние многу не ги прашавме“, додава Марија.
Иако се промени етничката структура на населението, сепак и новите жители го прифатија Герман како свој заштитник. На празникот на 12 мај се одржува литија на улиците, богослужба и народна веселба. Прашавме дали на тој ден се пеат македонски песни, но Марија го одбегна одговорот. Не сакаше да се фотографира иако на збогување ни рече дека сега не е толку строго и може да зборуваат македонски.
Надвор улиците беа празни, дали поради жешкото време или поради тоа што селото е речиси иселено. Оние што ги сретнавме не зборуваа македонски.
Не сум слушнала!
Последната надеж дека ќе откриеме нешто повеќе ни беше Информативното биро во Герман. Таму извесна Александра, туристички водич, на англиски јазик ни ги претставуваше убавините на крајот, слични на наша Преспа, камени градби, мноштвото цркви, манастири, чистото езеро, пеликани. „Нас н` интересира дали тука биле закопани родителите на цар Самуил“ ~ рековме.
„Вие прашувате за Самуил, кралот на Бугарите, рече таа и почна да ни раскажува за островот Ахил. Откако повторно ја прекинавме и прашавме за гробовите на неговите блиски, рече дека за тоа не слушнала.
На крајот се упативме кон езерото да се разладиме од горештината и врелата тема. Патот меѓу селата беше со дупки, наместа незакрпен, поинаков од убавите патишта што ги поврзуваат населените места во другите делови на Грција.
Гробовите се демонтирани?!
Гробовите на таткото, мајката и братот на Самуил сигурно се наоѓале таму каде што била пронајдена и надгробната плоча. Но, демонтирани се и кој знае каде денес се наоѓаат посмртните останки. Ова го вели Стевче Тодоровски, доктор по археологија од Битола, кој во 1999 година го посетил Герман во потрага по истите одговори.
„Се е добро збришано. Луѓето се плашеа да зборуваат, но во доверба постарите жители споменаа дека пред повеќе децении во вечерните часови во дрвени сандаци било изнесено нешто од селото. Се претпоставува дека гробовите биле во стариот храм во кој јас не можев да влезам“, вели Тодоровски.
Тој објаснува дека Самуил е македонски цар, ако бил Бугарин немало да крева востание против Бугарите. Неговиот брат Давид загинал кај местото Убави Дабови во Брајчино, кај црквата „Света Петка“. Потоа Самуил го пренел во Герман каде што ја поставил и надгробната плоча на која пишува „во името на отецот, синот и светиот дух, јас Самуил, раб божји, полагам помен на татко ми, мајка ми и брат ми на овој гроб. Имињата на покојниците се раб божји Никола, Рипсимија и Давид.“. Се смета дека плочата била поставена 993 година.
„Но, таму се случува „домнацио меморе“ односно бришење на меморијата. Сите словенски натписи, дури и на гробовите се збришани, изгребани се со длето, па сега има само грчко писмо. Дури и иконите со словенска редакција се збришани“, додава Тодоровски.
Но, врската на овој крај со Самуил е нераскинлива и според локална легенда е вткаена дури и во носијата. Се вели дека по смртта на царот, од жал народот ја сменил и носијата, таа потемнала, а и до денес народната облека на овој крај има темни тонови.Сонцето како вршник го имаше приклештено некогашното егејско село Герман, денешно Агиос Германос распослано на неколку километри од Преспанското Ез