После четири години на чело на Општина Центар и на три месеци до крајот на својот мандат, Андреј Жерновски се заинтересира за загадувањето во општината која ја раководи.Жерновски е инаку познат како градоначалник кој генерално сака да набавува работи. Па така на пример јавноста знае дека Жерновски сака да набавува диџеи за по 30 илјади евра од концерт кои може, но и не мора да го одржат концертот во општина Центар, како што се случи со диџејот Стив Аоки кој дојде во Скопје, се сликаше со Жерновски во „Воденица“ и си замина дома побогат за 30 илјади евра без да настапи ниту минута пред скопјани.
Жерновски исто така е познат и како голем фан на набавувањето т.н. боемска калдрма, вид скапоцен камен кој поставен на должина од 400 метри чини и до 1,3 милиони евра, ако боемскиот есап ти го прави првиот боем на Центар Андреј Жерновски.
Сега, на залезот на својот мандат како градоначалник, Жерновски конечно реши да се занимава со загадувањето во неговата општина, па остварил средба со еко-активисти и се договориле за преземање конкретни мерки на краток и долг рок за намалувње на загадувањето на воздухот. Односно поконкретно: она што се договориле е дека Жерновски повторно ќе може да го прави она што најдобро го знае – да набавува работи.
„Мрзеливиот градоначалник“ како што го нарекуваат на интернет мрежата, каде и генерално го поминува најголемиот дел од својот мандат кога не е во процес на набавки, неколку дена се правдаше за импотентниот одговор на проблемот со аерозагадувањето бидејќи наводно немал ингеренции.
„Општините во склоп на Град Скопје немаат речиси никакви ингеренции, за жал, во оваа област. Мерките треба да ги преземаат надлежните министерства, потоа и самиот град. Сето ова го кажав јасно и на последната кординативна седница на скопските градоначалници“, беше тогаш оправданието на Жерновски за немрдањето со прст за загадувањето на воздухот.
Неколку дена подоцна, ситуацијата е променета. Сега во манир на голем државник Жерновски се демантираше самиот себе и потврди дека сепак има ингеренции да презема конкретни чекори и мерки околу состојбите во животната средина.
На тоа го потсетија и медиумите пред неколку дена, цитирајќи ги надлежностите на општината содржани и на веб-сајтот на општина Центар, ингеренции кои и нејзиниот градоначалник би требало да ги знае, доколку нема поважна работа како на пример договарање на наредната боемска свирка на Ѕвонко Богдан и Нино Величковски.
Имено, во надлежности на општината, под точка 2 во „Заштита на животната средина и природата“ стои дека општината покренува иницијативи и презема мерки за заштита и спречување на загадувањето на воздухот.
Откако Жерновски ги откри ингеренциите на општината, реши и дека ќе биде конкретен па ќе набавува мобилна мерна станица и допрва и тој ќе го мерел загадувањето на воздухот.
Од другите работи кои можеше, а не ги направи правдајќи се дека нема ингеренции, Жерновски можеше да создава нови парковски површини и да сади зеленило, можеше да ги прска улиците со средства против загадувањето од автомобилите. Можеше да додели и субвенции за набавка на горива и систмеи за греење кои не загадуваат како на пример пелетите. Жерновски исто така можеше да направи барем една велосипедска патека, но не направи ниту една.
На крајот, можеше да ги поддржи и мерките кои ги преземаат неговите поодговорни колеги против овој децениски проблем кој е заеднички за сите граѓани кои живеат во гавниот град – но наместо поддршка за ургентните мерки на Коце Трајановски, тој реши повторно да се прави смешен и интересен на твитер.
Откако твитерџиите го „пеплосаа“, Жерновски откри дека е градоначалник и дека има ингеренции, па на три месеци до крај одлучи да набавува мобилна мерна станица која допрва ќе го мерела загадувањето, па тој ќе го анализирал и ќе одлучувал што ќе прави.
Ова не е прв случај Жерновски да се правда дека нема ингеренции односно да покажува елементарно непознавање на својата работа и класична мрзеливост.
Градоначалникот без ингеренции често докажувал дека не е презаинтересиран за работа, туку за боемски улици, твитер и одмори во ски-центри.
Токму неодамна, додека целата општина Центар беше преплавена со снег и жителите на најцентралната општина во Скопје се санкаа по неисчистените улици и нивната безбедност беше доведена во прашање, Жерновски мирно и спокојно одмараше во ски-центар не покажувајќи ни милиграм интерес да се врати на работа и да преземе чекори за средување на улиците низ општината. Да потсетиме, имаше и улици кои бидејќи беа неисчистени, до нив не можеше да дојде ни комуналната хигиена и да го подигне ѓубрето. Ниту ова не му го поремети раатот на Жерновски.Жерновски е инаку познат како градоначалник кој генерално сака да набавува работи. Па така на пример јавноста знае дека Жерновски сака да набавува