Во издание на книгоиздавателството „Матица македонска“ од Скопје, деновиве излегоа од печат Избраните дела од академик Блаже Ристовски. Во колекцијата од десет томови на над осум илјади страници, познатиот научник пишува за круцијални теми од македонската историографија, литература, публицистика и македонскиот фолклор, но и за политички настани и теми, што се одвивале на нашиот етнокултурен простор во минатото, се до денешни денови.Во поговорот под наслов „Живот и дело посветени на Македонија“, поетот и литературен критичар, Раде Силјан констатира дека „Блаже Ристовски како верен и доследен следбеник на Мисирковите идеи, се придржува на фактите и во својата научноистражувачка работа секогаш поаѓа од нивната изворност, автентичност и непорекливост. Во исклучително плодните творечки години тој темелно ги истражи и научно ги согледа централните пројави во нашата историја: словенската писменост и христијанизацијата, државните формации во Македонија во средновековјето, почетоците и развитокот на преродбенскиот процес и борбата за обнова на Охридската архиепископија.
„… Голем е влогот на Блаже Ристовски во афирмирањето на Македонското научно-литературно другарство во Петербург, кое е основа на новата епоха во македонската културно-национална мисла и акција. Исто така, неодминливи се и прилозите, во кои со вродено чувство за научна аргументираност говори за македонскиот културно-национален развиток, конкретно за првите писатели на родниот збор: Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, за Браќата Димитрија и Константин Миладиновци, за Рајко Жинзифов и Григор Прличев, како и за учебникарите Анатолија и Партенија Зографски, Кузман Шапкарев, Венјамин Мачуковски, Димитар Узунов и Ѓорѓија Пулевски. Посебно внимание заслужуваат студиите за македонскиот фолклор. Во овој поглед треба да се одбележат научните прилози за С. Верковиќ, за Миладиновци, М. Цепенков, К. Шапкарев и В. Икономов“, пишува Р. Силјан, главниот уредник на изданието.
Блаже Ристовски е автор на над 70 одделни публикации. Во името на овој наш посветеник на историската вистина, ние имаме научник од формат, кој во континуитет ја истражува и ја обликува долговековната историска слика на Македонија.
Благодарение на неговиот научен ангажман објавени се најкомплетните монографски изданија за стожерниците на македонската национална свест: Ѓорѓија Пулевски, Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски, Кочо Рацин и Јонков Вапцаров.Во поговорот под наслов „Живот и дело посветени на Македонија“, поетот и литературен критичар, Раде Силјан констатира дека „Блаже