Нашите грчки пријатели изминатите неколку недели континуирано го искажуваат своето незадоволство откако македонските министри беа најавувани како министри од Македонија (министерот за надворешни работи Попоски на самитот на НАТО во Велс) или самите министри го користеа правилното име на државата на средби надвор од Македонија (министерот за транспорт Јанакиески во Милано). И иако тие го прават ова со години, она што е важно да се спомене е дека сѐ почесто Грците се бунат и против употребата на терминот „македонски“ за опишување на јазикот.На пример, грчките медиуми пред неколку недели беа вознемирени затоа што македонскиот јазик беше наречен „македонски“ во документот на ЕУ, кој се однесува на народите и јазиците на земјите-кандидатки за членство во ЕУ. Во суштина, тие тврдеа дека „македонскиот“ јазик не може да биде наречен така затоа што нема „Македонци“, нешто што грчкиот премиер Самарас го потврди летово кога изјави дека не знае оти постои македонски јазик.
Грција продолжува да истакнува дека спорот е само за „името“ на државата и ништо повеќе, а најскорешните изјави од грчкото министерство за надворешни работи уште еднаш го нагласуваат својот вообичаен став дека спорот за името не е билатерален, туку е прашање на почитувањето на меѓународниот закон, проблем поврзан со добрососедските односи и со регионалната стабилност. Грците и многу други актери вклучени во оваа шарада, повторно и повторно тврдат дека идентитетот на Македонците не фигурира во равенката. А сепак фигурира.
Kако што расте грчката хистерија поради употребата на зборот „македонски“ за да се опише јазикот (и валутата – денарот), вистината станува јасна – ако не постои идентитет на македонскиот народ, нема да има употреба на придавката „македонски“ за опишување нешто – народот, јазикот, валутата или што и да е друго: нема македонски фудбал, нема македонска музика, нема македонска уметност, нема македонски храна и пијалаци, ништо.
Авторот Нејтан Шарански, Израелец, роден во Советскиот Сојуз, во својата книга „Бранење на идентитетот: Неговата незаменлива улога во заштитата на демократијата“ (Defending Identity: Its Indispensable Role in Protecting Democracy) им го претставува на читателите своето верување дека нашиот идентитет како поединци и како група луѓе е витална за одбраната и заштитата на идентитетот. Тој ги потсетува читателите, како што пишував многупати претходно, дека с` повеќе интелектуалци и јавни личности го сметаат идентитетот за антагонист на слободата, извор на конфликт и за закана за мирот. ЕУ е првиот пример за ова – сака да ги избрише индивидуалните идентитети на државите што ја сочинуваат и да го замени со нејасен и безличен „европски“ идентитет, со кој лесно се манипулира и кој, на крајот од краиштата, не значи ништо.
Шарански понатаму вели дека не само што силните идентитети се од витално значење за индивидуите што се надеваат да водат живот со цел, тие се суштински за способноста на една демократска нација да си ги одбрани скапоцените слободи. Не само што не се непријатели, слободата и идентитетот се лојални сојузници во борбата против злото. Ова е главната порака на „Бранење на идентитетот“, порака за која верувам дека е важна за секој поединец, секоја група, секоја нација во слободниот свет.
И додека Шарански нуди дефиниција на идентитетот, која вклучува припадност на религиозна, национална или етничка група, тој нуди и верување дека еден од универзалните квалитети на идентитетот е што му дава на животот значење поголемо од самиот живот.
„Идентитетот, живот на посветеност,“ пишува тој, „е суштински бидејќи го задоволува човековиот копнеж да стане дел од нешто поголемо од него. Тој им додава слоеви значење на нашите животи и го продлабочува човековото искуство. Демократијата ја потврдува вредноста на слободата; идентитетот дава причина за слобода. Идентитетот ѝ дава цел на слободата насочувајќи ја кон некоја цел, правејќи ја дел од судбината: тука не се работи само за тоа каков ти е животот, туку и зошто ти е животот“.
Во продолжение тој пишува дека демократијата нуди визија за можност, самоопределување и мир. Но без особен начин на живеење и група нешта на кои им го посветувате животот, демократската визија неизбежно ја губи својата сила, станува празна и апстрактна. Без идентитет, демократијата станува неспособна да ги одбрани дури и вредностите што ѝ се најмили. Помислете на последнава реченица додека размислувате за судбината на Европската Унија. Но сетете се дека дури и луѓето со силен идентитет мора да имаат демократија од безброј причини за да преживеат и за да успеат.
И така повторно се враќаме на почетокот – за идентитетот се работи. Нашите грчки пријатели и дел од нашите меѓународни пријатели, кои тврдат дека не се работи за идентитетот, туку само за „името“, или се залажуваат себеси или се интелектуални нечесници. Џонатан Тобин, постар уредник во онлајн-магазинот „Kоментари“, пишува дека „Шарански нѐ потсетува дека демократиите не можат да се бранат себеси без ’идентитет’“.
Името и идентитетот се испреплетени и не може да бидат раздвоени, а во интерес на Грција и на меѓународната заедница е Македонија да остане безбедна и слободна. Најдобриот начин ова да се случи е едноставно да се признае вистината – македонскиот идентитет.
Џејсон МИКО за Дневник
Авторот е менаџер за односи со јавноста од Аризона (САД), и долгогодишен набљудувач на состојбите во Македонија и во Југоисточна Европа.На пример, грчките медиуми пред неколку недели беа вознемирени затоа што македонскиот јазик беше наречен „македонски“ во документот на