Нашето детство остана во селото Вембел. Почна големата голгота на најдолгиот пат кон далечното, непознатото кое беше планирано од грчкиот монархофашизам и од нивните сојузници од Европа за протерување на македонскиот народ од вековните родни огништа, од Ѕвездата на Белото Море. Со денови не бомбардираа фашистите, затоа бевме принудени ноќе да пешачиме се до границата на Вардарска Македонија. Кога стигнавме во Битола бевме распоредени во многу демократски држави. Јас и мојот среден брат со илјадници други дечиња бевме распоредени во Романија, каде романскиот народ и тогашната власт не прифатија како свои чеда во секој поглед. Во Романија го завршија основното училиште како и мајчин македонски јазик, романски, француски, руски, латински и грчки. Во 1954 година ненадејно се случи средбата со мојата мајка. Во едно претсобје во бараката ми рекоа дека ме бара некоја старица. Кога отидов, видов старица од околу седумдесет години во црнина со бледо испиено лице и со крупни очи, ми ги пружи рацете и ми рече: „Синко, јас сум твојата мајка“.
Пред мене стоеше старица со болка и со тага во душата. Стоевме лице во лице, очи во очи и не можев да поверувам дека е мојата мајка. Постојано во ехо ја слушав старицата како повторува „Мило чедо, јас сум твојата мајка која остана сама во селото кога заминавте во планините за време на војната“. Вечерта во една од собите на бараката ми ја раскажа нејзината приказна што ја доживеала во селото кога остана сама без ниедно од сопствените деца. Тогаш мајка ми сфати дека аманетот што и го остави татко ми пред неговата смрт не го исполни целосно. Со очи полни солзи ми кажа дека големиот брат загина во борбите на Вичо Планина, а за сестра ми која беше на Грамос немаше дознаено ништо, дали е жива или загината во борбите. Ми зборуваше за гумното, како сум се родил со светлината на Ѕвездата, како ме доела и лулала во дрвена нишалка цели пет години, како што велеше: „Така сакал Господ“. Ми ги спомна домашните миленици, плевната, куќата, нивите, големиот орев на дедо ми, сливите на баба ми и изворот на Вембла. После тој разговор ми стана јасно дека е мојата мајка. Зошто остарела толку многу, а имаше само 42 години? После тоа дојде и средниот брат и почна нашиот фамилијарен живот, остана само да дознаеме каде е нашата сестра. Во Букурешт паралелно го завршив средното уметничко училиште, отсек сликарство, и средното балетско училиште. По завршувањето на двете училишта требаше да решам: дали да запишам ликовна академија, или да стапам во операта како балетски уметник, имајќи превид дека во градот Брашов има класичен балет, опера и модерен балет – естрада. Решив да се преместам во Брашов, во операта каде што живееја мојата мајка и брат, за да живееме заедно. Во нашите срца постојано жареше носталгијата и желбата за враќање во родната татковина Македонија. Мајка ми често ми велеше: „Синко, леб и сол да јадам само во Македонија да умрам, ти си тој што ќе не однесеш, ти ја носиш Ѕвездата“. Мене срцето ми се кинеше кога ја слушнав мајка, и решив да и ја исполнам последната желба. Со многу маки и труд успеав да добијам туристичка виза за Македонија.
Пишува Олга РистескаСо денови не бомбардираа фашистите, затоа бевме принудени ноќе да пешачиме се до границата на Вардарска Македонија. Кога стигнавме во Битола бевме