– Поддржувачите на иницијативата „За заедничка Македонија“ вечерва по 19-ти пат излегоа на улиците во Скопје од каде порачаа дека претседател на Собранието на Република Македонија може да биде само оној којшто ќе се откаже од тиранската платформа.– Ниту едно друго сценарио не е опција и тоа треба да се знае, порача Богдан Илиевски од иницијативата „За заедничка Македонија“ пред Собранието на Република Македонија.
Денеска поддршка на иницијативата „За заедничка Македонија“ дадоа фолклористите.
Мартин Цветковски рече дека не се дојдени да држат говор на омраза, да поттикнуваат меѓуетнички тензии, туку како амбасадори на Македонија.
Знаеме, рече тој, што значи да се настапи под името на РМ. – Ширум светот не препознаваат по овие наши обележја и ознаки – ако ги изгубиме, знамето, името, јазикот, тогаш се поставува прашањето: Кои сме ние? Ќе бидеме обезличени, рече фолклористот Цветковски.
Актерот Владо Дојчиновски порача дека оваа земја ги почитува сите, меѓутоа и тие што живеат тука треба да ја почитуваат оваа земја.
– Треба да е јасно и гласно оти ова е наша земја и дека ние немаме друга земја. Дури и иселениците од целиот свет станаа на нозе за оваа земја, рече Дојчиновски.
Пред граѓаните се обрати и Дарко Мијалковски, кој рече дека од ден на ден се поголем е бројот на луѓе кои даваат поддршка.
– Цела Македонија е на нозе. Испраќате силна порака до светот. Вие сте вистински пример како се сака татковината, рече Мијалковски, додавајќи дека ниту еден Албанец во Македонија не е дискриминиран и оти албанската платформа е уценувачки документ, кој е наметнат постизборно со кој се бара промена на името, знамето, грбот и химната.
– Тоа нема да го дозволиме и нема да дозволиме барањата од албанската платформа да станат дел од ниту една владина програма, рече Мијалковски.
Елена Мисиркова апелираше претседателот на државата Ѓорге Иванов да не попушти и да не дозволи во внатрешните работи на државата да се мешаат, како што рече, платеници од држави и други асоцијации.
Тоа се однесува, рече Мисиркова, на најавената посета на Хан кој повторно со една специјална агенда зад интересите на македонскиот народ, сака да изврши притисок. – Нема да го дозволиме тоа сите ние што сме овде, порача Мисиркова.– Ниту едно друго сценарио не е опција и тоа треба да се знае, порача Богдан Илиевски од иницијативата „За заедничка Македонија“