Авион Airbus A321 полетал од лондонскиот аеродром „Станстед“ минатиот месец со оштетени два прозорци, додека другите два воопшто немале стакло, соопштија британските истражители на воздухопловни несреќи.
Девет патници и 11 членови на екипажот се наоѓале во авионот што летал за меѓународниот аеродром Орландо во Флорида на 4 октомври, кога по полетувањето била откриена штетата предизвикана од осветлувањето што било користено за време на снимањето на филм претходниот ден.
Авионот достигна височина од најмалку 14.000 стапки (околу 4.270 метри) пред да сврти, се вели во специјалниот извештај на британскиот Оддел за истраги за воздухопловни несреќи (ААИБ – Air Accidents Investigation Branch). Авионот безбедно слетал на аеродромот „Станстед“ набргу потоа.
Извештајот објавен на 4 ноември го детализира инцидентот, истакнувајќи дека тој би можел да резултира со посериозни последици.
По полетувањето од аеродромот „Станстед“, патниците забележале дека авионот е „побучен и постуден од вообичаеното“.
Како што се искачувало леталото, член на екипажот исто така забележал зголемена бучава во кабината, па го известил пилотот.
Екипажот одлучил да го прекине искачувањето на авионот на 14.000 стапки и да ја намали брзината додека инженерот и копилотот го проверувале прозорецот.
„По проверка на прозорецот, договорено било авионот да се врати во ‘Станстед’“, се вели во извештајот.
Кабинскиот екипаж им рекол на патниците да останат во своите столчиња и да ги врзат појасите и ги потсетил да користат маски за кислород ако е потребно. Целосната големина на штетата на леталото не била откриена додека не слетало на земјата.
Откако патниците се симнале, екипажот го прегледал леталото однадвор и открил дека недостасуваат две од прозорските стакла на кабината, а третото било поместено.
Скршеното надворешно стакло подоцна било пронајдено при рутинска проверка на пистата, додека четвртиот прозорец бил откриен искршен од левата страна на трупот.
Од ААИБ објаснуваат дека авионот бил користен за снимање еден ден претходно и дека прозорците можеби „претрпеле термички оштетувања“ поради зголемените температури.
„Сопствениците и операторите на авионите треба да размислат за опасноста од таквите активности за да се намали ризикот од оштетување на авионите“, се додава во извештајот.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.