– Крикет федерацијата на Австралија соопшти денеска дека ги откажала предвидените три натпревари против Авганистан во знак на протест поради ограничувањата кои талибанските власти ги воведоа за правата на жените.
„Оваа одлука следи по неодамнешната најава на талибанците за нови ограничувањата во врска со можностите за образование и вработување на жените, како и нивното право на пристап во јавните паркови и спортските сали“, се наведува во соопштението.
Селекциите на Австралија и Авганистан требаше да одиграат три натпревари на територијата на Обединетите Арапски Емирати во март, а одлуката за нивно откажување е донесена по консултации со австралиската Влада.
„Ние ќе продолжиме да соработуваме со Крикет федерацијата на Авганистан и се надеваме на подобрување на условите за жените и девојчињата во таа земја“, соопшти австралиската страна.