Во следните неколку дена се очекува конечно да „пукне“ долго најавуваната бомба поврзана со најголемиот македонски спортски бренд, фудбалскиот клуб Вардар, откако сѐ погласни се шпекулациите дека австриската компанија за игри на среќа „Новоматик“ ќе биде новиот сопственик и спонзор на црвено-црната чета.
Речиси се околу овој дил веќе е ставено на хартија и се чека само прецизирање на последните детали околу повеќегодишниот договор по што истиот ќе биде и официјализиран. Од извори блиски до преговарачкиот тим доаѓаат информации кои ќе донесат насмевка кај армијата навивачи на Вардар, бидејќи се најавува формирање буџет од неколку милиони евра, а со тоа и враќање на шампионските патеки.
Со ова би се ставил крај на четири годишната агонија на вардарци, по заминувањето на Сергеј Самсоненко и тешкиот период на клубот во кој дури испадна во Втората лига, од каде што се врати во елитата преку бараж, кој, пак, беше клучен за задржување на прволигашкиот статус и на крајот од минатата сезона.
„Новоматик“ е моќна интернационална компанија, која е сопственик на 2.000 казина и останати места за игри на среќа во повеќе од 50 држави Голем дел од нив се преку брендот „Адмирал“, кој е присутен и во Македонија од 2009 година. Оваа компанија на светско ниво има преку 20.000 вработени и вкупен годишен приход од 1,8 милијарди евра.
извор: sport1.mk