Ако нема место, на пациентите со ковид ќе им биде дозволено лекување во приватните болници: Се менува Законот за заштита на населението од заразни болести

Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести кои ќе се носат по скратена постапка, веќе е во собраниска процедура, а во следниот период ќе се најде пред соодветните собраниски комисии, па потоа и на пленарна седница на Собранието за да биде изгласан од пратениците. Освен што со него правно ќе бидат правно уредени предложените рестриктивни мерки од страна на Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на задолжителното носење маски на отворено, групирање на повеќе од четири лица по 22 часот на јавни места, како и семејни собири при што е дозволено да се примаат само по четири гости, Законот за заштита на населението од заразни болести предвидува и други важни измени.
Во членот 28 по ставот 2 се додаваат три нови става 3, 4 и 5, кои гласат:


Лицата заболени од Коронавирус COVID-19 задолжително се лекуваат во јавни здравствени установи. По исклучок од ставот 3 на овој член, лицата заболени од Коронавирус COVID-19, по медицински индикации, се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаа дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови.
Доколку во јавните здравствени установи од став 3 на овој член, се исполнети капацитети за лекување на лицата заболени од Коронавирус COVID-19, доколку кај лицата примени во приватната здравствена установа во текот на укажувањето на здравствените услуги за дијагностицирање, лекување, третман, нега и рехабилитација во установата е утврдено присуство на причинителот Sars-Cov-2 вирус за заразната болест Коронавирус COVID-19 во нивниот организам, како и во други случаи (недостиг на здравствени работници, здравствени соработници и други вработени лица во јавната здравствена установа и слично), по предходно дадена согласност од страна на Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаа дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.
Ова значи дека во претстојниот период, доколку болничките капацитети од јавното здравство бидат целосно исполнети, и евентуално установите се соочат со недостиг на здравствени работници, на пациентите може да им се дозволи лекување во некоја од приватните болници каде има одделенија за интензивна нега.
Засега здравствените власти уверуваат дека се уште има место во болниците, особено и поради фактот дека модуларната болница на Инфективната клиника е целосно подготвена, а таму нема хоспитализирани пациенти. Во однос на исполнетите болнички кревети во неколку градови во Македонија, посебно Прилеп, Куманово, Струмица и Велес, министерот за здравство, Венко Филипче пред неколку дена истакна дека оттаму пациентите се препраќаат во другите градови. Посебно напомена дека целосно се подготвени болниците во Кочани и во Кавадарци.
Што се однесува пак до евентуален недостиг од кадар, Филипче уверува дека одлично функционира системот на ротација, исто како и во претходниот период кога имаше голем наплив на пациенти. Имено, лекари специјалисти од интерна медицина кои имаат искуство во лекување на белодробни заболувања им помагаат на нивните колеги, а до сега има бројни примери на распоредување на лекари и медицински сестри од една здравствена установа во друга, од град во град.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.