Светиот синод на Албанската православна црква ја поддржа канонската Украинска православна црква, чии активности неодамна беа забранети во Украина.
„Прогонот, затворањето, сквернавењето на светите места, конфискацијата на црковниот и манастирскиот имот се брутални дејствија. Тие стануваат уште побрутални кога ги наметнуваат законодавните тела на демократските земји. Законот бр. 8371/24.8.2024 година, неодамна донесен од Украинскиот парламент очигледно има за цел да ја укине канонската Украинска православна црква“, се наведува во соопштението на Светиот синод на Албанската православна црква.
Во соопштението се предупредува дека на овој начин се врши прогон на неколку милиони украински православни верници, епископи, свештеници, монаси и монахињи, кои сите под раководство на митрополитот Онуфри се членови на Црквата која е „Една, Света, Соборна и Апостолска “.
„Ние, страдајќи со нашите прогонети браќа, многу се молиме за крај на крвавите битки кои го повредуваат целиот украински народ без исклучок, како и за укинување на овој апсурден закон, за да надвладее мирот и единството на Православието, за да го исполни своето сведоштво низ светот“, се наведува во соопштението на Светиот синод на Албанската православна црква.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, неодамна потпиша закон со кој се забрануваат активностите на верските организации поврзани со Руската Федерација во Украина.