Извинувањето на фудбалерот Даку доаѓа откако вечерва Дициплинската комисија на УЕФА соопшти дека е отворена е истрага, како што пишува во соопштението, во врска со наводите за недолично однесување на албанскиот репрезентативец
Репрезентативецот на Албанија, Мирлинд Даку вечерва на социјалната мрежа Фејбук упати извинување, како што напиша, кон оние што ги навредил по завршувањето на вчерашниот натпревар помеѓу Хрватска и Албанија на Европското фудбалско првенство во Германија – ЕУРО 2024, посочувајќи дека во моментите кога фудбалерите се на терен, нивните емоции се на друго ниво. Сепак, во објавата на Фејсбук Даку не спомнува конкретно кон кого е упатено неговото извинување.
Затоа, според него, афектот во играта си го земал својот данок, но како што посочи, ќе продолжи заедно со другите играчи да работи на остварување на соништатата на репрезентацијата на Албанија.
Имено, по натпреварот во кој репрезентацијата на Албанија со гол во судиското продолжение успеа да извлече бод играјќи нерешено против Хрватите (2 : 2), Даку зеде мегафон од навивачите и заедно со публиката скандираше пцости кон Македонците и Србите. На видеата објавени на социјалната платформа Икс може да се види како репрезентативецот на Албанија преку мегафонот извикува пцовка кон Македонците, по што навивачите продолжуваат со скандирање на навредите.
„Прво, сакам да им се заблагодарам на сите оние кои не поддржаа во добрите и тешките моменти на ЕП 2024.
Како и секој фудбалер, во тие моменти емоциите се на друго ниво, нешто што може да се разбере само ако си внатре на теренот“,напиша Даку.
Според него тешко е да се опише чувството да се игра за, како што рече, оваа репрезентација и за прекрасните навивачи, за кои посочи дека им даваат неограничена љубов, какво што е, наведе Даку, и нивното мото „Сакај ја Албанија без граница“.
„Жалам ако сум навредил некого по мечот со Хрватска, афектот во играта си го зема својот данок, но продолжувам да работам заедно со целата група за нашите соништа. Да се прости е машки, а јас чувствувам морална и професионална обврска да го сторам тоа, за сите оние кои се повредени“,
вели репрезентативецот на Албанија.
Извинувањето на фудбалерот Даку доаѓа откако вечерва Дициплинската комисија на УЕФА соопшти дека е отворена е истрага, како што пишува во соопштението, во врска со наводите за недолично однесување на албанскиот репрезентативец.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска најави дека ќе ја извести и УЕФА и изрази загриженост и осуда за националистичките скандирања и навреди на репрезентативецот на Албанија, насочени против Македонците по завршувањето на вчерашниот натпревар помеѓу Хрватска и Албанија на Европското фудбалско првенство во Германија – ЕУРО 2024.
Поради навреди и националистички скандирања упатени кон Србија и Србите, Фудбалската федерација на оваа земја (ФФС) побара од УЕФА да ги казни репрезентациите на Хрватска и Албанија и најави дека доколку не се преземат никакви мерки, ФФС ќе ја повлече репрезентација на Србија од натамошното учество на ЕУРО 2024.