Во текот на 2019 и 2020 година „Алкалоид АД Скопје“ реализираше донација во „Општа болница со проширена дејност Кавадарци“ во вкупен износ околу 10.500.000 денари (170.000 евра) комплетно опремувајќи го „Интерниот оддел за женски болести“ на оваа јавна здравствена установа.
Просторот од над 350м2, кој скоро три децении стоел незавршен, денес официјално и свечено беше предаден во употреба со строго почитување на сите здравствени протоколи и заштини мерки од страна на Министерот за здравство, Проф. д-р Венко Филипче, Генералниот директор и Претседател на Управен одбор на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов и директорот на болницата, д-р Диме Коцев.
Новото одделение е конципирано и изведено во согласност со сите современи стандарди и прописи за здравствени објекти и се состои од дел за престој на пациентите (болнички соби со тоалети), дел за интензивна нега и дел за медицински персонал, а сиот простор, освен нови инсталации, доби и соодветна болничка опрема (најсовремени болнички кревети, болничка мебел опрема, телевизори во сите болнички соби и инсталација за интернет конекција на целото одделение).
Директорот на ЈЗУ „Општа болница со проширена дејност Кавадарци“, д-р Диме Коцев ја изрази својата благодарност за донацијата, а зборувајќи во свое лично име и во име на сите Кавадарчани, истакна: „Во Одделот, кој е изграден од најсовремени градежни материјали и опремен со модерен медицински и технички ентериер, ќе овозможиме прекрасен амбиент за сместување на нашите пациенти и нивно поквалитетно болничко лекување“.
Генералниот директор на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов изјави дека оваа донација компанијата ја спроведе под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, формирана во чест на основоположникот на модерниот „Алкалоид“ кој својот животен пат го започна токму од Кавадарци.
„Иако денешниот повод за посета е пуштање во работа на само еден оддел од оваа болница, која претставува исклучителен пример за функционирање на јавното здравство, ние како компанија ќе ја продолжиме нашата поддршка тука во Кавадарци“ – рече Мукаетов.
Домаќините ја имаа честа на денешното официјално примопревање на опремениот „Оддел за женски болести“ во Кавадарци да присуствува и Министерот за здравство, Проф. д-р Венко Филипче кој изјави: „Новиот оддел за интерна медицина е еден модерен оддел по сите европски стандарди и во него пријатно се чувствуваат и пациентите и медицинскиот персонал. Ова не е прва и единствена помош од компанијата ‘Алкалоид’. ‘Алкалоид’ е компанија која прва помогна на Министрството за здравство за време на Ковид кризата; компанија која со години наназад стипендира студенти од областа на медицинските науки а со ова, уште еднаш докажуваат што значи да се биде општествено одговорна и компанија која внимава на своите семејни традиционални вредности“.
Како при неодамнешната посета на „Општата болница Кавадарци“, така и денес, Министерот за здравство, Проф. д-р Венко Филипче истакна дека оваа установа е пример за одговорно работење, како главни придобивки наведувајќи ги постојаното осовременување на капацитетите, подобрената инфраструктура, зголемениот број на лекари специјалисти, како и комплетно опремениот оддел за третман на пациенти заболени од ковид-19, доколку се јави потреба. Оваа болница, која со години наназад е позната по своите квалитетни здравствени услуги, опслужува близу 100.000 граѓани од повардарискиот регион (Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија) и има висок степен на
експертиза во повеќе специјалистички области.