Новиот магацин за фармацевтски суровини и за примарна амбалажа, на чија изведба се
работеше околу 15 месеци, е дел од дваесетгодишниот инвестициски план за развој на ПЦ
Фармација, кој се реализира со интензивно темпо и во услови на криза.
Најновата инвестиција на „Алкалоид АД“ Скопје во магацински простор за фармацевтски суровини
и за примарна амбалажа претставува современо и безбедно складишно решение, изведено
согласност препораките за добра производствена пракса за магацинско работење, со законските
прописи за чување фармацевтски производи и со фармацевтскиот систем за квалитет.
Новиот објект се простира на површина од вкупно 1,620 м2 и опфаќа: магацински простор за
фармацевтски суровини; подрумски простории опремени со специјални ладилни соби наменети за
суровини за кои се неопходни посебни услови за чување, температура и влага; административни
простории и технички кат.
За потребите на овој објект, изградена е нова пристапна рампа за
камиони, а проектирани и изградени се нови внатрешни сообраќајници, целосно приспособени за
непречена и за безбедна комуникација на новиот магацин со производствените објекти.
Со реализацијата на оваа инвестиција во ПЦ Фармација, целосно е осигурено најсовремено
управување со суровините и производите и безбедна логистика на процесите – од прием на
фармацевтските суровини до испорака на лековите до веледрогериите и до крајните корисници.
Магацинот располага со вкупно 800 палетни места за суровини, опремен е со најсовремен систем за климатизација, ладилни комори, системи за гасење пожар, како и со машини за хоризонтален и за вертикален транспорт.
Официјалното примопредавање на оваа инвестиција вредна 1,3 милиони евра беше извршено од
страна на Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко
Мукаетов и директорот за логистика и магацини, Зоран Костовски во присуство на вработени и
членови на управните тела на компанијата.
Во складишните капацитети на „Алкалоид АД“ Скопје вработени се вкупно 120 извршители.