Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз, вториот играч на светот, го предаде мечот од првото коло на земјениот АТП турнир во Рио де Жанеиро, откако го повреди скочниот зглоб на десната нога.
Алкараз се повреди на самиот старт од мечот против домашниот тенисер Тиаго Монтеиро, при вториот поен. Алкараз реши да се обиде да игра, одигра два гема и го предаде мечот на 1-1.
„Многу ми е жал, а одлуката да престанам да играм беше повеќе како мерка на претпазливост. Физиотерапевтите ми рекоа дека сметаат оти повредата не е сериозна, но во среда ќе ги направам сите тестови“, изјави Алкараз кој на тој начин ја продолжи не особено успешната серија која продолжува по освојувањето на Вимблдон минатата година.
Двократниот освојувач на грен-слем титулата во Рио де Жанеиро последен пат славеше пред две години, додека лани беше поразен во финалето од Британецот Нори.
„Изгледаше прилично грдо кога ја видов снимката. Тоа беше промена на насоката, ништо друго. Се обидов да продолжам да играм, но болките не стивнуваат и затоа престанав“, додаде вториот тенисер во светот, кој минатата недела играше во полуфиналето во Буенос Аирес, каде беше поразен од Чилеанецот Николас Јари.