Љуфти Незири, потпретседател на Демократскиот сојуз на Косово изјави дека косовскиот премиер Албин Курти откако ги расипа односите со Албанија и Црна Гора конфронтирајќи се со премиерите Дритан Абазовиќ и Еди Рама, со неформалната посета од локален карактер во Скопје, потоа и во Тетово, ги расипа и односите со Македонија.
Со своите „излети“ Курти се обидува да се наметне како некаков албански лидер, што тој и не е, ама и настојува да ја покрие својата неуспешна политика, а уште повеќе да ги покрие аферите во Косово поврзани со него и неговото Самоопределување. Курти може да е само идеолошки, но никако национален лидер, нагласува Незири.
Курти имаше потреба од ваква агенда во рамките на неговите политички идеи за обединување на Албанците во регионот, но политичкиот мотив е подлабок. Станува збор за затворање на аферите и скандалите што избувнаа на Косово, поврзани со енергетиката, државните резерви и старите алатки и средства. Таа посета во Македонија не е на премиер на Косово, туку на лидер на партија. Неговите изјави таму предизвикаа раздор бидејќи тој отворено застана на страната на новата опозиција. Да не заборавиме дека Курти го поддржа господинот Зијадин Села на последните избори. И за време на таа посета имаше многу дебата. Курти прави обид за идеолошка коалиција, надвор од државниот протокол – рече Незири.
Приштина преку Курти создава криза со соседните земји, нагласи Незири и тоа го илустрираше со расипувањето на односите со премиерите на Црна Гора и на Албанија, Дритан Абазовиќ и Еди Рама.
Сега тој го направи истото и во Македонија, манифестирајќи силна поддршка за новата опозиција. До пред неколку дена Скопје беше единствената врска за Курти. Тој ги наруши односите со Абазовиќ, а посетата на Еди Рама ја сметаше за проопозициска што направи ескалација на односите меѓу двете земји. И последната посета на Тетово и Скопје го става Косово во извештаите за продуцирање на криза. Приштина произведува криза и води лоша политика притоа користејќи ја албанската заедница, рече Незири и нагласи дека состојбата на северот од Косово ја користи и дека во таа смисла регионите во јужна Србија на Прешево и Бујановац му служат за политички цели.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.