Антонио Милошоски не уништи, 11 години бараме правда

Здружението на Возачи Кичево се обрати на јавноста со прес конференција. Го пренесуваме интегрално текстот кој беше испратен до нашата редакција:

Ве повикавме денеска овде бидејќи веќе 11 години не успеавме да го добиеме назад она што ни беше одземено незаконски. 11 години се обидуваме да докажеме дека таткото на Антонио Милошоски, Милош на мафијашки начин го презеде техничкиот преглед за автомобили во Кичево и не избрка сите вработени.

Моќник, како што се нарекува во судските процеси, Милошоски со неговиот татко користејќи ја политичката моќ успеа со низа притисоци да го преземе здружението. Се виде и од аудио снимките дека Антонио ја користел својата позиција да нанесува штета на луѓе за сопствена корист. Влијаел на судии, на сведоци за да го добие тоа што го сака.

Во време на владеење на ВМРО ДПМНЕ во 2011, Милошоски беше гаси и пали во Кичево. Во здружението за возачи што незаконски го преземаа вработени беа членови на семејствата на Управниот одбор само за да им помине кражбата. Братот на Антонио, Александар пак успеа да извади голем дел од средствата на здружението. Новинарката што пишуваше за нашите маки заврши на суд со него и изгуби затоа што Моќник може се да направи.

Во 2010 година Милошоски го започнува походот за нашето здружение отворајќи нова компанија за технички преглед БРЕКОН, каде татко му е еден од двајцата управители. Откако беше изменет законот за технички преглед, здруженијата за возачи имаа за опција да отворат фирма како дел од здружението или посебно. Е па во Кичево, не се чекаше туку фирмата БРЕКОН го презема здружението на возачи што во принцип е невозможно на легален начин. И не само тоа, Милош Милошоски не можеше да биде управител на здружението со завршено средно образование за машинобравар, за таа позиција потребно е да има правен или економски факултет и лиценца од МВР. И нормално и тоа не се испочитува. Еден по еден не избрка сите од работа по преземањето на Здружението.

Од нас бараа да дадеме отказ и да бидеме вработени во БРЕКОН, ние одбивме. За разлика од нас екс благајникот на Здружението имаше ист случај, се жалеше во Кавадарци каде го доби судскиот спор но никогаш не беше вратен на работа. Нас судот во Кичево ни пресуди дека не сме во право. И тогаш прашавме и еве сега, како може два различни суда за иста работа да пресудат различно. Одговорот после аудио бомбите е јасен – замешал прсти Моќникот од Кичево.

Ние баравме да бидеме вратени на работа и поднесовме кривична пријава до Здружението и Брекон и се разбира ништо не се случи. Да имаш моќ да средиш се во твоја корист на сметка на човечки животи е навистина безобразно.

Да биде целава приказна пострашна, братот на Антонио, Александар станува управител на Сојузот на возачи на Македонија. На вонредна седница на нелегитимни претставници беше избран за управител, а тогаш сите здруженија се побунија. И пак залудно.

Колку имале врски во судовите покажува податокот дека ако со завршна сметка на здружението е утврдено кусок во 2008 година, како може судот да каже таков нешто не постои. Судот да негира официјален документ од државата?!

Во здружението оставивме сметка полна со половина милион евра, а беше задолжено со 300.000 евра. Прашуваме каде отидоа сите пари? Дали некој извршил проверка на работењето? Како успеа Милошоски да уништи се пред себе за да се збогати.

И сега не прашувате зошто сега излегуваме со ова, затоа што сакаме правдата да биде испочитувана.  Сеуште имаме неисплатени плати, дупка во стаж, нервози, починати луѓе како последица од стресот. Поминавме голгота по судови. Ниту една судска постапка не заврши во наша полза поради влијанието на неговиот син Антонио Милошоски. Бевме сведоци во јавноста дека тој заедно со неговиот татко правеа притисок врз судии и покажуваа моќ во Кичево долги години. Бараме надлежните институции да го испитаат целиот случај и да покренат нова истрага за Кичевското Здружение. Се обративме и до обвинителката Вилма Русковска и очекуваме предметот да се процесира.

Се надеваме дека после 11 години правдата ќе излезе на виделина.

Ви благодариме

Спасе Србиноски – поранешен вработен во Здружението на Возачи Кичево

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.