Анчелоти ги повлече изјавите, Реал Мадрид ќе игра на Светското клупско првенство




Тренерот на европскиот и шпански фудбалски шампион Реал од Мадрид, Карло Анчелоти, изјави дека неговите изјави во врска со евентуалното одбивање на поканата за учество на Светското клупско првенство не се толкувани на начин како што тој замислил, додека самиот „Кралски“ клуб, исто така, издаде соопштение во кое се наведува дека неговото учество на споменатото натпреварување никогаш не било доведено во прашање.

Откако Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) значително го намали наградниот фонд за клубовите кои ќе учествуваат на Светското клупско првенство, кое треба да се одржи на крајот од следната сезона во САД, Анчелоти во интервју за италијанскиот дневен весник Il Giornale објавено во понеделникот по повод неговиот 65 роденден рече:

„ФИФА може да заборави на тоа, клубовите и играчите нема да учествуваат на тој турнир. Еден натпревар на Реал Мадрид вреди 20 милиони, а ФИФА ни ја нуди таа сума за целото натпреварување. Нашиот одговор е негативен. Како ние, така и другите клубови ќе ја одбијат поканата“.

Сепак, подоцна во текот на денот Анчелоти изјави:

„Ништо не може да биде понеточно од тоа што би ја одбил можноста да играм на турнир што го сметам за одлична можност да ја продолжам борбата за големи трофеи со Реал Мадрид“.

Во официјалното соопштение Реал објави:

„Како што е планирано, нашиот клуб со гордост и ентузијазам ќе учествува на ова официјално натпреварување со цел да ги исполни соништата на милиони наши навивачи ширум светот со нов трофеј“.

На првото светско клупско првенство на крајот од следната сезона треба да учествуваат 32 клуба, од кои 12 европски со најдобар коефициент.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: