ВМРО-ДПМНЕ има сериозен проблем кога во ситуација на општа разочараност од работењето на владата, не може да направи двоцифрена предност пред СДСМ.
Наместо огромна разлика и континуиран притисок за нови избори, ВМРО-ДПМНЕ, според последното истражување на јавното мислење, заостанува 2,9% зад коалицијата СДСМ-БЕСА.
Имено, на анкетата која што ја објави Телма на 24 јуни, односно на самиот почеток на изборната кампања, коалицијата СДСМ-БЕСА имаше предност од 1,6% во момент кога двете страни имаа повисоки рејтинзи заради претстојните избори. Според тогашното истражување на М-Проспект, Коалицијата предводена од СДСМ имаше рејтинг 23,5%, а Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 21,9%.
Изминативе шест месеци јавноста е сведок на економски проблеми, неможност на власта да набави вакцини и ефикасно да се справи со пандемијата, бројни скандали и бугарско вето, а рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ не само што не оди нагоре, туку паѓа повеќе од рејтингот на владеачката коалиција.
На последното истражување коалицијата СДСМ и БЕСА има рејтинг од 21%, односно за шест месеци е падната за 2,5% , а ВМРО-ДПМНЕ има мизерни 18,1% или катастрофален пад на рејтингот од 3,8%. Наместо двоцифрено водство на ВМРО-ДПМНЕ, шест месеци после изборите имаме зголемување на разликата.
Неспособноста на Мицкоски е ветар во грб на антинато Левица
Значителен раст во однос на тогашните мерења на рејтингот на партиите има само Левица. На тогашната анкета Левица тежела помалку и од Интегра, односно имала рејтинг од 0,5%. Партијата предводена од антинато лидерот Димитар Апасиев сега тежи 12 пати повеќе, односно претставува четврта сила на политичката сцена со рејтинг од 6,2%. Апасиев тоа го постигна со само двајца пратеници во собранието, без градоначалници и минимален број на советници по општините, за разлика од Христијан Мицкоски кој има многу повеќе ресурси за напад врз власта.
Заради немањето став и талкањето во тезите, граѓаните веќе не гледаат алтернатива во Мицкоски и неговата празна реторика. Настапите на Апасиев се многу повеќе гледани и коментирани по социјалните мрежи од настапите на Мицкоски.
Впрочем растот на рејтингот на Апасиев, покажува дека најголемиот хендикеп на ВМРО-ДПМНЕ е нехаризматичниот Мицкоски.
Имено, според последните истражувања Апасиев има рејтинг кој што е поголем за 1,4% од рејтингот на Мицкоски.
Вчера беше објавено дека Апасиев со поддршка од 29,7% всушност ја предводи опозицијата, а веднаш зад него е Мицкоски со 28,3%. Апасиев практично ја влече напред Левица, а Мицкоски го кочи ВМРО-ДПМНЕ кое има три пати поголема поддршка како партија од Левица.
Мицкоски вчера ја призна анкетата на Телма ! Не заслужил ни кафе со Апасиев
Мицкоски вчера во интервју на порталот Инфомакс практично ја призна последната анкета на Телма , според која иако е Претседател на најголемата опозициска партија, не е веќе најпопуларен политичар ниту во опозицијата.
Исповедајќи се на порталот, Мицкоски со жалење говореше како лидерот на Левица го одбегнувал, иако во повеќе наврати го молел макар кафе да се напијат.
Ниту еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ досега не ја понижил така партијата и не го спуштил толку ниско нивото за да моли кај некоја партија која е меѓу последните кои се формирани.
„Го побарав, да се видиме, каде сака, кај нас, на јавно место, кај нив, каде сака кафе да испиеме. Ми рече дека не може, дека е зафатен со подготвување амандмани, тогаш за онлајн седницата. Другиот ден го видов како пие кафе со Стојанче Ангелов. За мене немаше, еве јас сум ВМРО-ДПМНЕ, имаме ние 44, тој има два пратеника. Еве до ден денес чекам, ми рече ќе те побарам, од тогаш помина месец и пол, ме нема побарано. Еве, повторно во вашата емисија го реактивирам моето барање, ајде да седнеме сите да се договориме и да го поразиме овој. За доброто на Македонија зборувам“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски во очај дури и почна да употребува изрази како „политички циркузант“, „ловец на адреналин“ и „маче во душа“ .
Ваквиот очаен настап на Мицкоски веднаш наиде на критики и потсмев на социјалните мрежи.
Дури и неговиот поддржувач Љупчо Палевски го повика Апасиев да му укаже внимание на Мицкоски.
Во останатите коментари, граѓаните кои ја следат политичката сцена се обидуваат да ги појаснат причините зошто Апасиев не сака да си го расипува рејтингот и да се сретне со Мицкоски.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.