Симболот на Париз, Ајфеловата кула од денеска повторно ќе биде отворена за посетители откако заврши 36 – часовниот штрајк на дел од вработените кои протестираа поради условите за прием на некои туристи.
– Социјалното движење на еден дел од персоналот на Друштвото за користење на Ајфиловата кула (СЕТЕ) е завршено. Ајфеловата кула ќе ги отвори своите врати за јавноста во петок во 9 часот наутро, соопшти Друштвото, додека претставници на персоналот го поздравија договорот постигнат со управата.
Друштвото за користење на Ајфеловата кула им се извини на посетителите кои на 1 и 2 август не можеа да се качат на 324 метри високата атракција.
Управата на кулата и претставници на синдикатот ЦГТ постигнаа договор во врска со новиот систем за пристап на туристи кон кулата кој, како што тврдат вработените, создава „монструозно“ долги редици посетители.
Новиот систем воведен во јули предвидува одвоени лифтови за повеќе видови карти, а вработените тврдат дека таквиот начин на работа е исцрпувачки затоа што мора да се соочуваат со се понервозните туристи кои долго стојат во редици.
Постигнат е договор до 31 август да се спроведе пробна шема чиј приоритет, по желба на Друштвото, е сите посетители кои влезниците за Ајфеловата кула ги купиле преку интернет да можат да пристапат до лифтовите во времето предвидено на резервациите.
Повторно ќе бидат воведени две редици кои водат кон два лифта, а приоритетниот ред ќе биде за посетители со електронски влезници, како што предложија синдикатите.
Ајфеловата кула минатата година ја посетија повеќе од 40 милиони туристи, додека повеќе од шест милиони се качиле на 324 метри високата „железна дама“.