Баварските локални избори – нов удар за Владата на Меркел

Конзервативната Христијанско социјална унија (ЦСУ) – еден од сојузниците на германската канцеларка Ангела Меркел, загуби на регионалните избори во Баварија. Според резултатите, ЦСУ го загуби апсолутното мнозинство во јужната германска покраина, освојувајќи само 37,2% од гласовите. Зелените станаа втората најголема политичка сила со освоени 17,7% од гласовите. Зад нив, со 11,7% освоени гласови се Слободните избирачи и десно популистичката Алтернатива за Германија (АфД) со 10,3%. Продолжува падот на поддршката за Социјалдемократската партија (СПД) која освои помалку од 10% од гласовите. И ФДП ја надмина потребната минимална граница од 5% за влез во Парламентот.
„Секако не е лесно да се изолираме од она што се случува на национално ниво”, изјави премиерот на Баварија, Маркус Зедер по објавувањето на резултатите. „Наш приоритет е што е можно побргу да се формира стабилна Влада во Баварија, и ние ја прифаќаме таа задача”, додаде тој.
Според изборните резултати, на ЦСУ ќе ѝ треба коалициски партнер ако сака да продолжи да владее со најголемата германска покраина. Зедер има можност да влезе во партнерство со лево ориенитираните Зелени, иако двете страни отворено изразија резервираност во однос на ваков договор. Поконзервативна опција би била коалиција со Слободните избирачи, за која Зедер силно наговести дека ја преферира. ЦСУ отфрла било какво партнерство со АфД.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.