Балансерот практично се претопува во Законско решение за правична застапеност

Додека Уставниот суд работи на конечната одлука по изразеното сомневање дека Балансерот значи неуставно вработување по етнички клуч, Власта бара нов начин како да се пропише ангажирање квалитетни кадри но од сите етнички заедници. Коалицијата Вреди тврди дека, и покрај некои несогласувања меѓу владините партнери, оваа Влада има капацитет на демократски начин да стигне до заедничко решение и да го исполни политичкиот договор за нов посебен закон.

-Балансерот е надвор од својата функција. Имаме политички договор тоа да се среди со Закон за правична застапеност, но и квалитет. Ако треба да се вработи Македонец, да – ќе се вработи, но најквалитетниот. Ако треба да се вработи Албанец – да, но најквалитетниот, најобразованиот, најспремниот, и тој – утре, задутре, подобро ќе им служи на граѓаните за нивните потреби, изјави вицепремиерот изет меџитиво интервју за радио слободна европа.

И министерот за јавна администрација Горан Минчев вели дека е време за реформа и за вработувања врз основа на знаење, стручност и квалитет, но се согласува дека застапеноста на етничките заедници е уставна категорија. На барање на Телма, Министерството вчера појасни дека се подготвува Упатство кое ќе им укаже на сите државни и јавни институции како да постапуваат со огласите за вработување во периодот додека важи времената мерка на Уставниот суд за стопирање на вработувањата по етнички клуч.

Поведувањето постапка од страна на Уставниот суд за етничките вработувања, ги засили вербалните препирки меѓу Европскиот фронт и Вреди.

Владеачката коалиција гарантира дека нема да биде загрозено правото на вработување на ниту еден Албанец.

Но, ДУИ обвинува дека партиите во Вреди не ги претставуваат интересите на Албанците, дека немаат политичка независност и дека се алатки за туѓи интереси.

-Последната одлука на Уставниот суд е само почеток за уништување на меѓуетничките односи изградени со голема тешкотија. Укинувањето на Балансерот ќе отвори и многу нови проблеми во наредниот период кои можат и ќе доведат до уривање на основните темели на Охридскиот договор, велат од дуи.

Пред четири дена, Уставниот суд поведе постапка за делови од два закони и еден Правилник со кои се уредува вработување во јавниот сектор според етничката припадност. Мнозинството уставни судии, меѓу кои не се судиите од заедниците, изразија сомневање дека тоа ги загрозува човековите права, слободното изразување на национална припадност и достапноста до работни места. Иницијативата ја поднесе Антикорупциската комисија со мислење дека на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место. Конечната одлука треба да се донесе во рок од 3 месеци.

Пронајдете не на следниве мрежи: