„Никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка дозвола и возачка книшка без вина на граѓаните и кои не се истечени во поглед на нивниот рок на важност сметано од издавањето особено не за учество во сообраќајот во рамките на територијата на нашата држава“, рече шефот на државата
Неприфатливо е македонските граѓани кои се веќе изложени на сопствен трошок да менуваат документи, да бидат ставени во состојба на паника и страв дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќајот. Ова е реакцијата на шефот на државата Стево Пендаровски која ја напиша на неговиот Фејсбук профил по денешното известување од Министерството за внатрешни работи дека од 13 февруари годинава нема да важат возачките доволи во земјава со старото име.
Вели дека вечерва лично бил контактиран од загрижени граѓани, како и дека ја разбира нивната вознемиреност и гнев.
„Барам од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки на сите возачи кои што учествуваат во сообраќајот на територијата на државата, а чиј рок на важење не е истечен сметано од нивното издавање. Како што кажав и пред неколку седмици, доколку се има политичка волја, законските решенија може да се донесат во многу краток рок“,
вели претседателот Пендаровски.
Ги повикува надлежните институции навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите чекори, како што посочува, кои се преземаат да се надмине оваа неприфатлива ситуација.
„Никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка дозвола и возачка книшка без вина на граѓаните и кои не се истечени во поглед на нивниот рок на важност сметано од издавањето особено не за учество во сообраќајот во рамките на територијата на нашата држава“,
напиша тој.
Пендаровски напиша дека како претседател на државата сака да ја повтори посветеноста кон имплементацијата на сите меѓународно правни обврски што, вели дека ги имаме преземено, а произлегуваат од тн. „Преспански договор”.
Министерството за внатрешни работи денеска испрати соопштение со кое ги извести граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година, согласно веќе донесените законски измени, а во врска со Преспанскиот договор, престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република Северна Македонија.
Што се однесува до личните карти, според МВР, тие ќе важат и по 13 февруари, без оглед дали се со името Република Македонија или Република Северна Македонија и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава.
Околу возачките дозволи, од 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија. МВР соопшти дека ќе постапуваат согласно закон и затоа апелираат граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија.
Во однос на налепниците НМК за регистарските таблички, тие се комплетно бесплатни за граѓаните, а според МВР, секоја евентуална злоупотреба односно било какво наплаќање ќе биде ригорозно санкционирано.
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва на Канал 5 даде образложение за начините на кои граѓаните ќе може да ги користат личните документи по 12 февруари годинава, кога согласно Преспанскиот договор завршува рокот за нивна промена.
Тошковски вели дека уште откако бил предложен од ВМРО-ДПМНЕ за технички министер најавил решение за оваа состојба и најавил дека ќе поднесе закон за изменување и дополнување на Законот на лични документи и на Законот за безбедност во сообраќајот.
Тоа, според него, е единственото решение во оваа ситуација кога граѓаните се заглавени и не можат навреме да ги сменат своите лични документи. Со измените на законите тврди дека ќе се овозможи нормално функционирање.