После толку години, конечно, граѓаните исклучени од парно греење ќе бидат ослободени од плаќањето паушал. Но, зошто да биде едноставно кога може и комплицирано. Сега граѓаните не знаат каде точно треба да ги приложат документите (лична карта и имотен лист) за да бидат ослободени од оваа давачка. Здружението “Но пасаран“ нека не прави заблуди кај исклучените од парно со повикување тие да ги доставуваат барањата за ослободување од плаќање фиксен износ во Регулаторната комисија за енергетика, оти да ги ослободи од плаќање паушал може само компанијата која ги снабдува со топлинска енерегија и таму треба да се достават барањата, реагира претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски на повикот на „Но пасаран“ исклучените да ги доставуваат барањата до Регулаторната комисија.
– Вистинското место за поднесување на барањата се компаниите снабдувачи со топлинска енергија. Исклучените од парно треба да го пополнат формуларот што ќе им го дадат компаниите, да покажат лична карта и да поднесат фотокопија на имотен лист и можат да бидат сигурни дека ќе бидат ослободени од плаќање паушал. Формуларот е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика и е во согласност до донесениот Правилник за снабдување со топлинска енергија, вели Бислимовски.
Тој појаснува дека ова се однесува за сите станови и деловни простории што се користат за сопствени потреби или се издаваат под кирија.
– Празните станови и деловни локали ќе продолжат да плаќаат фиксен надомест со што исправаме неправда кон сопствениците на другите станови и кон граѓаните кои и за празни станови плаќаа сметки за парно. Посебно е важно за нововселените згради каде што сите станови не се вселени. Фиксниот износ за парно за празните станови до нивната продажба ќе го плаќаат инвеститорите – додава Бислимовски.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.