Американскиот претседател Џо Бајден го номинираше поранешниот извршен директор на „Мастеркард“ (Mastercard), Аџеј Банга, за нов шеф на Светската банка, јави ДПА.
Тој е „уникатно подготвен да ја води Светската банка во овој критичен момент од историјата“, рече Бајден денеска во Белата куќа.
Овој менаџер со индиско-американско потекло во моментов е заменик-претседател на компанијата „Џенерал Атлантик“.
ДПА појаснува дека САД традиционално го избираат претседателот на Светската банка, додека Европа го избира извршниот директор на својата сестринска организација, Меѓународниот монетарен фонд.
САД се најголемиот акционер на Светската банка. Но, сè уште ѝ е потребна поддршката од другите земји-членки за да може да помине нејзиниот кандидат.
-Банга има уникатна перспектива за можностите и предизвиците на земјите во развој и брозрастечките економии и за тоа како Светска банка може да ја спроведе својата амбициозна агенда за намалување на сиромаштијата и зголемување на просперитетот, рече Бајден.
Банга, исто така, има искуство во мобилизирање средства за справување со најитните предизвици, вклучително и климатските промени, додаде американскиот претседател, пренесе германската агенција.
Претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас, минатата недела неочекувано соопшти дека поднесува оставка. Тој ќе се повлече на крајот на јуни. Неговата оставка се случува на околу една година пред редовниот крај на мандатот на првиот човек на Светска банка. Тој во претходниот период беше жестоко критикуван за неговите изјави за климатските промени.
Пронајдете не на следниве мрежи: