Американскиот претседател Џо Бајден ја откажа посетата на Германија оваа недела поради ураганот Милтон, потврдија владини извори во Берлин.
Жалиме за одлуката да се одложи посетата, но секако ја разбираме моменталната ситуација на Флорида, изјави портпаролот на германската влада, реагирајќи на веста за одложување на посетата на американскиот претседател Џо Бајден, кој требаше да пристигне во Германија во четврток.
Пред тоа Белата куќа објави дека Бајден ја одложува посетата на Германија поради ситуацијата на Флорида, која се подготвува за втор ураган за краток период.
Во соопштението за медиумите се зборува за „одложување“, но не се прецизира кога Бајден, чиј мандат истекува во јануари следната година, би можел да ја посети Германија. Одложена е и посетата на Ангола, која требаше да следи по посетата на Германија.
Ова требаше да биде прва билатерална посета на Бајден откако тој го презеде претседателството во јануари 2021 година. Бајден беше во Германија како дел од самитот на Г7 во 2022 година во Елмау, Германија.
Тој во саботата требаше да учествува на самитот на НАТО за Украина во американската борбена база Рамштајн во сојузната покраина Рајнланд-Пфалц.
Германските медиуми шпекулираат за можното одложување на овој самит, но и за тоа дека Бајден би можел да дојде само на самитот во Рамштајн, каде се состанаа претставниците на т.н. Украински контактни групи.
Самитот на групата Рамштајн треба да сигнализира непоколеблива поддршка за Украина, изјави германски функционер кој не сакаше да биде именуван за германската новинска агенција dpa, додека групата донатори на оружје требаше да се состане на највисоко ниво за прв пат.
Саботната средба требаше да биде отворена попладне со обраќање на Бајден, украинскиот претседател Володимир Зеленски и канцеларот Олаф Шолц.