Бегството на Груевски ги осоколи радикалите

Она што почна поинтензивно да се развива на фонот на „ноќта на ножевите“ неколку дена по парламентарните избори во 2016 година, а доживеа некакво празнење со настаните на 27 април, очигледно продолжува да се засилува на бранот на бегството на Никола Груевски во трауматичната постреферендумска фаза. Заканувачки зборови на скопските протести пред Собранието, излегуваат од устата на разни етнополитички естрадни политичари и интелектуалци.
Во екот на повиците за помирување и најавите за донесување закон за амнестија за инцидентите во Собранието, каде што беше доведен во прашање животот на пратениците и на премиерот Зоран Заев, од говорниците на протестот можеа да се слушнат пораки од типот „ќе се распуштат со добро или на поинаков начин“ (Солза Грчева) или „Путин да му изгради споменик на Заев оти не постои поглупав Македонец – најголемиот предавник што мајка го родила“ (Љупчо Палевски).
Од звучниците ечеше македонската химна во интерпретација на оперскиот пејач Игор Дурловски, обвинет за настаните од 27 април. Неговиот соборец кој, исто така е обвинет, Богдан Илиевски, напиша на Фејсбук дека неговата интерпретација треба со закон да се усвои и да биде официјална верзија на државата.
Засилени протести и блокади на главните сообраќајници низ целата земја со возила и механизација најавија од „Бојкотирам за уставни промени“. Тие побараа стопирање на постапката за уставни измени со кои тврдат дека се поништува и АСНОМ, поништување на договорот од Преспа и трајна заштита на името Македонија. Иконографијата е добро позната. Знамиња од Кутлеш, скандирања и гестикулации за обединување на Македонија, песни за клетите предавници и македонски изроди.
Не изостанаа ниту капчињата со крстови и транспаренти со мртовечки глави на „Христијанско братство“, едно од 80-ината здруженија и неколку политички партии кои потпишаа меморандум за соработка преку кој треба да се спречат уставните измени и промена на името на државата. Тие деновиве протестираа пред домовите на неколкуте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за пристапување кон уставните измени. Но на овој протест се почувствуваа навредени зашто не им било дозволено да говорат. Во судирот за тоа кој ќе го носи ореолот на најголем Македонец и немилосрден чувар, не само на земјата туку и на небото над Македонија, полетаа редица навреди и барања за „чисти протести“.
Филип Петровски од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, дел од „Македонија блокира“, го обвини Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, кој се јавува како организатор, дека правел раздор и дека говореле „левичарски отпадоци“, а не им се давал збор на „вистински патриоти“. Според него, ВМРО-ДПМНЕ ги организирал автобусите со кои демонстрантите дојдоа од цела Македонија, а раководството повторно се криело. Членовите на „Христијанско братство“ ги напуштија протестите на повик на водачот Жарко Гроздановски. „Можам да наредам и насилно да ја преземам оваа бина, но нема. Не дозволуваат една минута да ја кажеме вистината за Македонија“, рече Гроздановски.
Дел од експертската јавност смета дека сето она што се случуваше завчера на протестот треба да ги замисли луѓето што ги водат институциите, кои, според нив, мора правовремено да дејствуваат за да се спречи канцерот. Според нив, земјата се наоѓа на работ на ново насилство и мора нешто да се преземе.
„Ова што ни се случува е колективен мобинг. Власт која не може да ве заштити од насилство, таа не треба да биде власт“, вели професорката Мирјана Најчевска. Дел од радикалните структури, кои им кумуваа и на настаните на 27 април, очигледно, не само што не се уплашени туку се и осоколени. „Ова што сега се случува во Собранието со навестување на некаков закон за амнестија или делумна амнестија, како што ја нарекуваат некои, е срамно. Таа идеја требаше да биде отфрлена. Политиката едноставно не е дисциплина на преговарање со мафијата и криминалците“, смета Најчевска. Сепак, како што објаснува, не се само проблем повиците за „меко постапување“ или помирување.
„Има неколку сериозни проблеми кои ја одржуваат статус кво ситуацијата. Симболиката на минатиот режим не е тргната и таа сè уште живее. Сите ние практично ја плаќаме цената на институционално отсуство на деконструкција на институциите од старите кадри, носители или поддржувачи на ретроградните политики. Не мислам дека тие треба да се отпуштат, но сигурно треба да се тргнат од местата каде што може да влијаат, организираат и регрутираат војска на слепи следбеници“, вели Најчевска.
Според неа, МВР се наоѓа во тотален распад. „Таму е потребна моќна фигура која ќе воспостави стандарди и процедури на дејствување. И Јавното обвинителство треба да доживее вистински промени. Тоа се сè заробени институции со баласт кој создава само илузија дека во земјава постои заштита. Оттаму и несигурност кај граѓаните што може да ги снајде утре “, нагласува Најчевска

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.