БЕЗОБРАЗНО! Огромни покачувања на платите на дел од вработените во Влада, платите ќе бидат на 160.000 денари!

Вработените во владата и сите кои земаат плата преку владата на Македонија за догодина ќе добијат солидно зголемување на просечната бруто плата, покажува предлог буџетот кој во моментот е во собраниска процедура. Покачувањето во проценти е над половина односно 51,65%, пишува Телма.

Според предлог буџетот, 359 вработени ќе имаат просечна бруто плата од 137.226 денари (2.231 евра) во 2025-тата година. Во бруто платата, покрај платата која ја добива вработениот, влегуваат и придонесите за здравствено, за пензиско осигурување и додаток за вработување. Според калкулаторот на плата на веб сајтот ie.mk тоа значи дека просечната нето-плата во влада ќе биде 89.877 денари или речиси 1.500 евра.

Во 2024-тата, просечна бруто плата на оваа категорија, вработени во владата изнесувала 90.488 денари (нето 59.590 денари). Бруто плата за една година во владата има пораст од 46.738 денари и согласно бројките објавени во предлог буџетот е второ по големина покачување во државниот ресор. Иако има огромен пораст, просечната бруто плата во владата не е најголема во државата меѓу вработените во државно.

На врвот се вработените во новоформираното министерство за енергетика каде министерка е Сања Божиновска. Според предлог-буџетот, платите во Министерството за енергетика – бруто просечна плата е 161.533 денари (2.627 евра). Како нето просечна плата, калкулаторот покажува дека вработените во енергетика ќе земаат 105.628 денари (1.717 евра).

На второ место е просечната бруто плата во Советот на јавни обвинители кои оваа 2024-та година беа лидери. Членовите и вработените во во Советот на јавни обвинители на РСМ догодина ќе земаат просечно 147.703 денари (во 2004-та -145.520 денари). Во евра просечната бруто плата во Советот на јавни обвинители е 2.402 евра, а нето просечна плата во 2025-та во оваа институција ќе биде 96.665 денари (1.572 евра).

Дури на третото место се вработените во владата каде спаѓаат и членовите на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, како и националните координатори.

Новиот предлог буџет открива и дека Собранието кое по просечна бруто плата беше на второ место во оваа 2024-та година, наредната година ќе падне за две позиции на 4-тото место со 134.078 денари (намалување за 892 денари од овогодинешните 134.970).

Помали плати има и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија преку која се плаќаат и амбасадорите и конзуларните претставници. Во МНР, во 2025-та, бруто просечната плата ќе биде 130.654 денари. Повисока е за околу 50 евра од бруто платата во просек за секој вработен исплатена во 2024-та година.

Иако не се врвот, сепак најголемо зголемување на бруто просечна плата, и процентуално и во сума бележат вработените во Дирекцијата за ТИРЗ (Технолошки и развојни зони, односно слободните економски зони). Во 2024-та, брутото им било едвај нешто над илјада евра (61.905 денари), а за 2025-та, според предлог-буџетот е планирано зголемување од веќе митски познатите 78%.

Во денари, зголемувањето на бруто просечната плата за вработените во Дирекцијата на ТИРЗ е 48.210 денари и во 2025-та треба да земаат по 110.115 денари бруто просечна плата. Во ТИРЗ догодина ќе работат 78 луѓе и ќе имаат поголеми плати за 78%.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.