Бектеши очекува наредната влада да ја ревидира одлуката за да нема зголемување на цената на струјата

„Согласно со тоа што го забележав во нивната програма во енергетскиот сектор има мерки кои се во тек и кои ние како Министерство во континуитет сме ги поддржувале и сум убеден дека ако на добар начин се имплементираат таквите мерки може од 1 јануари да има и намалување на цената на електричната енергија“, вели Бектеши

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека нема да поскапи електричната енергија од 1 јули. Тој очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука што нема да биде на товар на граѓаните, а покрај тоа се надева и дека новата влада ќе ја ревидира одлуката на техничката влада со која е зголемена цената по која ЕСМ ја нуди струјата на универзалниот снабдувач и е намален процентот на покривање на потребите на регулираниот пазар.

„Министерството за економија секогаш има намера да има што пониски трошоци кои директно влијаат врз животниот стандард на граѓаните. Имавме став дека ЕСМ треба да покрива 100 отсто од потребите на универзалниот снабдувач, но тој став не се прифати во владината одлука. Во делот на цената и во делот на процентите ставовите се носат на затворена седница на Владата и јас немам право да ги кажувам јавно, но приближно се тие што се знаат во јавноста. Очекувам Регулаторната комисија за енергетика, која е независна институција, да донесе соодветна одлука што нема да биде на товар на граѓаните“,

рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната негова последна прес-конференција како министер за економија на која даде отчет за сработеното во изминатите седум години.

Дополнително, рече тој, вчера или завчера го слушнав мандатарот Мицкоски и имајќи ги во предвид фактите очекувам дека наредната влада ќе ја ревидира одлуката се со цел да нема зголемување на цената на електричната енергија.

„Согласно со тоа што го забележав во нивната програма во енергетскиот сектор има мерки кои се во тек и кои ние како Министерство во континуитет сме ги подржувале и сум убеден дека ако на добар начин се имплементираат таквите мерки може од 1 јануари да има и намалување на цената на електричната енергија“,

рече Бектеши.

Денеска во Собранието, група пратеници на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за измена на Законот за енергетика, по скратена постапка.

Неговата цел е, како што посочи мандатарот за состав на новата влада Христијан Мицкоски, да се спречи зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, тема што изминатите денови е актуелна во јавноста, и да се заштити стандардот на граѓаните.

Како идна влада, тој рече дека не сакаат да се мешаат во работата на независните регулаторни тела, но, исто така, додаде тој, имаат одговорност да се грижат за стандардот на граѓаните што, како што кажа, ќе биде приоритет на идните носители на извршната власт.

Со овој предлог-закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка, Мицкоски рече дека домаќинствата кои се во првата и втората група нема да добијат зголемени сметки за електрична енергија, а исто така очекуваат тој позитивно да се одрази и на оние што влегуваат во третата и четвртата група, односно зголемувањето на цената на струјата за нив да не биде значително и да се движи помеѓу 1 и 2 отсто.

ЕСМ на тендерот на универзалниот снабдувач понуди цена од 60 евра за мегават час и покривање на 85 отсто од потребите на регулираниот пазар. Досега на универзалниот снабдувач му ја продаваше електричната енергија по 57 евра за мегават час и покриваше 100 отсто од потребите на регулираниот пазар.

Пронајдете не на следниве мрежи: