Би сакал тоа да е поради фактот што препознале добри работи во нашата програма, вели Мицкоски за партиите што ја напуштаат коалицијата со СДСМ

„Имаше и такви што преговараа со нас, но не успеавме да постигнеме договор. Тие или ќе настапат самостојно или ќе останат со актуелните владејачки партии, дали е тоа СДСМ или ДУИ, без разлика“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ

Ние имаме принципиелни разговори и преговори и принципиелен заеднички договор за настап на претстојните парламентарни избори. Очекуваме врз основа на тој договор да функционираме како идна влада. Ова денеска го изјави Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, по средбата со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, а одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар околу тоа што изминатиот период неколку коалициски партнери ја напуштиле владината коалиција и преминуваат во опозицискиот блок.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ/Фото: Принтскрин

„Околу мотивот или причините зошто е тоа така, ќе треба нив да ги прашате. Би сакал тоа да е фактот тоа што тие препознале во нашата програма добри работи и поради тоа одлучиле да ја прифатат. Имаше и такви што преговараа со нас, но не успеавме да постигнеме договор. Тие или ќе настапат самостојно или ќе останат со актуелните владејачки партии, дали е тоа СДСМ или ДУИ, без разлика“,

рече Мицкоски.

Пред неколку дена лидерот на политичката партија Достоинство и актуелен директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.

Причината за ваквата одлука, според Ангелов, се неисполнетите барања и очекувања на неговата партија за обесштетување на десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители од конфликтот во 2001 година.

Демократскиот сојуз денеска соопшти дека не сега, туку пред повеќе од една година, на 13.02.2023 година, ја напуштиле коалицијата предводена од СДСМ.

„Причините за напуштање на коалицијата беа неисполнување на коалицискиот договор и погрешните политики на СДСМ, пред сѐ блокадата на измените на Изборниот законик со кој предлагавме Македонија да биде една изборна единица, противењето на реформи во правосудниот систем, високата криминализација и отсуството на борба против високата корупција, непринципиелната коалиција при реконструкцијата на владата и неводењето сметка за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта, како и блокадата на евроинтеграциските процеси со прифаќање на Преговарачката рамка без поширок граѓански и политички консензус“,

велат од Демократскиот сојуз.

Пронајдете не на следниве мрежи: