Борел го осуди израелскиот напад на Газа во кој беа убиени над двесте цивили



Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика на платформата „X“ порача дека крвопролевањето во Појасот Газа мора веднаш да заврши

По денешниот напад на Израел врз централното подрачје на Појасот Газа во кампот Нусејрат каде според палестинските власти загинале 210 лица, а околу 400 се здобиле со повреди, претставникот на Европската унија, Жозеп Борел порача дека секое убиство на цивили е за осуда и дека крвопролевањето мора итно да запре.

„Извештаите од Газа за уште еден масакр на цивили се ужасни. Ние го осудуваме тоа на најсилно можно изразување. Планот во три фази на американскиот претседател е патот до траен прекин на огнот и крај на убиствата“,

напиша Борел.

Израелската армија пак, денеска соопшти дека во операција во централниот дел на Газа биле ослободени четворица заложници киднапирани од Хамас во октомври. Оваа акција ја поздравија американскиот претседател Џозеф Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон.

Бајден го повтори барањето на Вашингтон за постигнување договор за прекин на огнот, велејќи дека тоа „ќе обезбеди ослободување на сите преостанати заложници заедно со безбедносни гаранции за Израел и помош за невините цивили во Газа“.

И францускиот претседател Макрон повика за изнаоѓање начин за смирување на состојбата, но упати и критики за ситуацијата во Рафа, на југот на Газа. Тој рече дека бројот на загинати и повредени по девет месеци војна е неприфатлив.

„Неприфатливо е тоа што Израел не ги отвора сите гранични премини за хуманитарна помош, како што бара меѓународната заедница со месеци. Заедничките напори ќе бидат засилени за да се спречи регионален пожар, особено во Либан“,

кажа Макрон.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: