Братсво и единство во НАТО: Ковачки, Петровска и Сали во Канада – учествуваат на 70. годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО

На 70. годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО, која се одржува од 22 до 25 ноември 2024 година во Монтреал, Канада, учествува Делегација од Собранието на Република Северна Македонија во состав: Драган Ковачки, шеф на Делегација и пратениците Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на Делегацијата.

На пленарната седница ѝ претходеше одржување на постојаните комитети на ова собрание, на чиј дневен ред се разгледуваа повеќе извештаи и предлог-декларации, за усвојување на седницата. Парламентарците ја потврдија нивната силна поддршка на Украина и потребата за воена, финансиска и хуманитарна помош, како и правото за легитимна само-одбрана, согласно принципите на Обединетите нации. Истовремено, беше поддржана актуелната адаптација на НАТО согласно новите стратешки предизвици, со апел до земјите да ги зголемат трошоците до одбраната над 2% од БДП за подобар придонес кон колективната одбрана.

Во однос на зголеменото поврзување на автократските сили ширум светот, особено Русија, Кина, Иран, Северна Кореја и Белорусија и нивните стратегии за поткопување на демократските вредности, единствен беше ставот за засилено делување и унапредувањето на заедничките активности на земјите од Алијансата, со цел подобро справување со овие закани по модерните општества и граѓаните. Во тој контекст, членките беа повикани исто така целосно да ги спроведуваат постојните и секундарните санкции и да вршат поголема контрола во извозот на воена технологија. Регионот на Западен Балкан и Црното Море, како и глобалниот југ, беа детектирани како можни точки за дестабилизација и надворешни влијанија од трети страни и од тие причини, беше постигната согласност за зајакнување на поддршката на НАТО преку заеднички активности со овие земји. Пратениците го поздравија унапредувањето на соработката со партнерите на Алијансата кои споделуваат заеднички вредности и нивната поголема вклученост во активностите на Парламентарното собрание на НАТО.

Шефот на Делегацијата Драган Ковачки, на учеството на Постојаниот комитет на ПС на НАТО, ги извести и покани своите колеги за нашата иницијатива да бидеме домаќини на следниот состанок на Комитетот во април идната година во Скопје, во годината кога ќе ја одбележиме 5-годишнината од влезот на земјата во НАТО како 30-ти сојузник. Настанот ќе биде можност уште еднаш да ја потврдиме нашата посветеност кон исполнување на целите и да понудиме наши искуства и капацитети за одбранбени и воени прашања важни за овој дел на крилото на НАТО, посочи Ковачки.

На пленарната седница, свои пригодни обраќања имаа: Џастин Трудо, премиер на Канада, Руслан Стефанчук, претседавач на Врховната Рада на Украина, Рејмонде Гање, спикер на Сенатот на Канада и Борис Руге, в.д. заменик-генерален секретар на НАТО. Беа усвоени пет резолуции и препораки за владите на земјите членки на НАТО: Идно докажување на Алијансата и поддршка на Украина со победа, Зајакнување на интегрираната воздушна и ракетна одбрана на НАТО, Борба против сексуални насилства за време на конфликт, Галванизирање на технолошката предност за поддршка на просперитетот и безбедноста на Алијансата и Искористување на можностите за одговорна употреба на вештачка интелигенција во воениот домен. Парламентарното собрание избра ново раководство на сесијата, со Маркос Перестрело де Васконселос од Португалија за претстедател и пет потпретседатели: Џули Деровиц од Канада, Сер Алек Шелбрук од Обединетото Кралство, Мико Савола од Финска, Агнес Вадаи од Унгарија и Јохан Вадерфул од Германија. На Аврил Хејнс, првата жена директор на Националното разнузнавање на САД, и беше доделена наградата Жени за мир и безбедност на ПС на НАТО за 2024 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: