Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски изјави дека разликата меѓу овој пик на вирусот со претходните бранови е во тоа што сега е присутен британскиот сој на вирусот кој се шири за 50 до 70 проценти побрзо и има поголем број на хоспитализации.
– Кај нас со сигурност ги имаме чешкиот и британскиот сој. Овој британски сој во 24 до 48 часа се развива клиничка слика која е навидум лесна, меѓутоа воспаление на бели дробови и тешка компликација се прави за нецели три дена. Ако некогаш велевме дека инкубацијата трае до 14 дена, сега е три до пет дена. Клиничката слика може да се појави нагло, во мал временски период со навидум лесни симптоми и со многу потешка компликација прво на белите дробови, но имаме мултисистемско зафаќање од глава, срце, црн дроб, бубрези до оштетување на крвните садови. Значи мултисистемско зафаќање од „чудовиште“ , рече Караџовски.
Оцени дека има широка трансмисија на вирусот, но оти засега здравствениот систем има капацитет да издржи.
Во моментов, како што образложи, најдоминантен е вирусот кај категоријата на граѓани од 30 до 39 години.
– Младите од 30 до 39 години се доминантна група каде се шири вирусот бидејќи тие излегуваат од дома, се дружат, не ги почитуваат некаде мерките, и проблемот е во тоа што повеќето стануваат позитивни и вирусот го носат дома, рече Караџовски.
Посочи дека се намалува бројот на хоспитализации од 40 до 50 години, но се зголемува бројот на хоспитализации од 30 до 39 и над 60 години.
Смета дека мерките се добри, но апелираше до граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита од вирусот.