Брнабиќ за трагедијата во Нови Сад: Сериозна истрага не може да се спроведе за 15 дена

Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ изјави дека во тек е опсежна истрага за уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, но дека во ниту една земја не е можно сериозна истрага да се спроведе за 14 или 15 дена.
Брнабиќ ги отфрли тврдењата на опозицијата дека власта „купува време“ и изјави дека одговорните треба да одговараат, но не со насилство.

„Никој не купува време, овде се водат сериозни и опсежни истраги, кога ќе ја погледнете сам таа проектна документација, некој не може да ја помине целата документација за 15 дена, да провери кој се потпишал, кој ставил печат, што се договорите. Не можеш да ги погледнеш сите тие договори. За 17 дена, што сакаш? Покажи ми земја каде тоа ќе се заврши за петнаесет дена“.
Како што наведе таа, опозицијата не презеде одговорност кога беше на власт, но очекува актуелната власт да ги „приведе сите луѓе“.

„Ги приведуваме и оние кои се невини и оние кои можеби се виновни и оние кои немаат врска со тоа. Уништуваме цели семејства. Замислете, приведете нечиј татко, нечија мајка, нечиј сопруг, нечија жена, само за да можат да бидат тие задоволни“, изјави Брнабиќ.
За активностите на опозицијата, таа рече дека организирањето на протести каде, како што наведе, Градското собрание во Нови Сад беше посипано со фекалии и газено српското знаме, не е политика, туку злоупотреба на трагедијата.

„Секако дека сте тажни, секако дека сакате одговорните да одговараат“, рече Брнабиќ, додавајќи дека одговорноста не треба да се бара преку насилство и дека трагедијата не треба да се злоупотребува.
Настрешницата на железничката станица во Нови Сад се урна на 1 ноември, при што загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени.

Пронајдете не на следниве мрежи: