Со протестен маратон од Градскиот парк до Владата, студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) повторно побараа простории за да може, како што велат, нормално да ја следат наставата
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) да се пресели во бараките на Бирото за развој на образованието (БРО), предложи денеска директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, со што ќе се најде конкретно решение за проблемот зашто, како што рече, студентите мора да имаат приоритет над администрацијата.
„Предлагаме БРО да се пресели во нашите сегашни простории, со цел ФИНКИ да ги користи бараките во кои сега е сместено Бирото“,
вели директорот на ТИРЗ.
Дирекцијата на ТИРЗ, пак, има нови канцеларии кои се уште официјално не се во функција, но денеска во нив се одржа настан, серија панели од проектот „Иднината почнува дома“.
„Пред протестот пред Владата, на настанот беше присутен и деканот на ФИНКИ Боро Јакимовски. Со овој денешен настан им изразуваме поддршка во тој протест за да се обезбедат нивните услови. Дирекцијата на ТИРЗ го понуди постојниот простор во строгиот центар на градот за сите државни институции, пред се за Бирото за развој во образованието, да ги користат без ограничување. За возврат, Бирото треба да излезе во пресрет на барањата на ФИНКИ и да ги отстапи бараките што ги користи за потребите на студентите. Сите млади мора да сфатат дека оваа држава може да им даде поддршка на тука да се чувствуваат дома, а не дома на некое друго место“,
рече Деспотовски.
Со протестен маратон од Градскиот парк до Владата, студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) повторно побараа простории за да може, како што велат, нормално да ја следат наставата.
Над 5 000 студенти на ФИНКИ во моментот следат настава во различни простории на техничкиот кампус, но и надвор од него, како на пример, на Педагошкиот факултет. Тие бараат трајно решение на просторниот проблем и велат дека во вакви услови тешко одат и следењето на наставата и полагањата на предметите.
Во однос на новата зграда планирана за ФИНКИ во близина на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, која зјае недоградена, деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, смета дека во ваков предизборен момент не може да се најдат средства за доградбата на објектот.
Од ФИНКИ би поддржале каков било обид на следната влада за доградба на тој објект или, пак, обезбедување нов.