– Обилните врнежи од дожд и поплавите во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сол оставија 78 загинати и 105 исчезнати, соопшти локалната управа за цивилна одбрана, пренесува Анадолу.Во последниот билтен на цивилната одбрана објавено е дека 844.673 луѓе се погодени низ поголемиот дел од државата. Како што се наведува, 134.331 лице морале да ги напуштат своите домови, 115.844 останале без покрив над главата, а 18.487 се во засолништа.Воените, полициските и безбедносните сили спасија до 20.000 луѓе. Во акциите учествуваат околу 900 припадници на армијата, морнарицата, воздухопловните сили и „партнерските агенции“ со најмалку 30 хеликоптери, четири авиони, 866 возила и 182 чамци, како и 85 инженерски тимови.Вчера, претседателот Луис Инасио Лула да Силва отпатува за Рио Гранде до Сол втор пат од почетокот на поплавите, ветувајќи дека ќе ги обнови патиштата уништени во поплавите.„Нема да има бирократска пречка за да ја вратиме големината на оваа држава“, рече тој на прес-конференција.„Во Порто Алегре со гувернерот на (државата) Едуардо Леите, сите нивоа на власт работат заедно во оваа вонредна ситуација. Ќе продолжиме да работиме заедно за обнова на регионите погодени од обилните врнежи од дожд“, напиша Лула на X.Претседателот призна дека сојузната држава минува низ тежок период во финансиска смисла и вети ресурси од федералната Влада преку Министерството за транспорт за обновување на автопатите.
Пронајдете не на следниве мрежи: